Во денешниот свет, во кој сме соочени со војни, економска криза и други проблеми, една цел останува иста – зачувување на јазикот и културата. * Македонија доживеа напади врз нејзиниот идентитет, соочувајќи се со борба да го одбрани она, што не би требало да биде доведено во прашање. Неодамна е донесен нов Закон за употреба на македонскиот јазик. На оваа тема проф. д-р Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје даде интервју за белградскиот дневен весник „Политика. „Им должиме на претците и идните поколенија да му го вратиме на македонскиот јазик тоа што му го одзедоа политичарите со Преспанскиот договор и „францускиот предлог“! Мораме да успееме да го сториме тоа!“ – нагласува Елка Јачева-Улчар. Следејќи ја и реализирајќи ја својата постојана уредувачка насоченост кон афирмацијата и заштитата на македонскиот национален идентитет, како и на македонскиот јазик и култура, редакцијата на „Експрес“ го пренесува во интегрална верзија ова значајно интервју, соодветно приспособено.
„Политика“: Колку е силна струката, заедно со говорителите на македонскиот јазик, да го зачува основното ткиво на македонскиот народ – македонскиот јазик, со оглед на неговата загрозеност од политичките чекори кон постигнувањето повисоки стратегиски цели?
Елка Јачева-Улчар: Со едностраната изјава, составена врз основа на таканаречениот француски предлог, што го потпишавме самите, практично се откажавме од нашите дијалекти надвор од државните граници, но и од историјата на македонскиот јазик. Таа историја не почнува од 1945 година, туку од многу порано, ако се земе предвид дека првиот првиот книжевен јазик јазик на сите Словени (старословенскиот) е создаден врз основа на македонските говори на три села од околината на Солун. Не случајно австралискиот славист Реџиналд де Беј во една од своите студии истакнал: „Каква иронија на историјата: народот чии предци им го дале на Словените првиот книжевен јазик, беше последниот народ, кому јазикот му е признат како посебен словенски јазик, различен од соседните јазици бугарскиот и српскиот!“
Тоа што светската славистичка наука му го призна на македонскиот јазик, сегашната македонска политика му го одзеде. Ни претстои долг и напорна работа за враќање на старите позиции од пред седум години. Дали ќе успееме? Мораме! Тоа им го должиме и на нашите учители, и на нашите претци, но и на поколенијата, кои доаѓаат после нас.
„Политика“: Новиот Закон за употреба на македонскиот јазик од 2024 година јасно ги уредува употребата и заштитата на македонскиот јазик во неговите државни рамки. Но, што е со македонскиот јазик надвор од границите на Република * Македонија?
Елка Јачева-Улчар: Не успеавме да ги заштитиме оние делови од македонскиот јазик, што останаа надвор од националните граници, без кои беше разбиена нашата единствена татковина, одразена во јазикот, како што забележа кодификаторот на македонскиот јазик Блаже Конески. Македонскиот јазик и неговите говорители во Егејска и Пиринска Македонија останаа сè уште непризнати, поради така наречениот Преспански договор. Преспанскиот договор направи политички упад во македонскиот јазик во смисла на дефинирањето кога ние, Македонците, смееме, а кога не смееме да ја користиме придавката „македонски“, како и на ускратувањето на правото да ги нарекуваме населените места во северна Грција како и досега, на пример, Воден, Солун, Лерин, Костур и многу други. Со Преспанскиот договор е пропишано дека треба да се нарекуваат тие населени места со грчките еквиваленти.
„Политика“: Зошто е донесен новиот Закон за употреба на македонскиот јазик на крајот на јануари 2024 година?
Елка Јачева-Улчар: На самиот крај на мандатот на македонската влада, на крајот на јануари годинава, Собранието донесе нов Закон за употреба на македонскиот јазик, кој е втор закон со овој име, по првиот усвоен во 1998 година. Законот за употреба на македонскиот јазик од 2024 година го подготвија членови на Советот за македонски јазик, советодавно тело на Владата, формирано врз основа на одредбите од Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 година и со помош на правната служба на Министерството за култура.
За разлика од Законот за употреба на јазиците од 2018 година, донесен набрзина и со „европско знаменце“, кој практично ја официјализираше двојазичноста на територијата на целата држава, во услови на непостоење вистинска двојазичност – на донесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик во 2024 година му претходеа неколку јавни стручни расправи со учество на речиси сите професори по македонски јазик, пред се од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, од Институтот за македонска литература, како и од Катедрата за македонски јазик и македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.во Скопје.Сите тие придонесоа да се подобри на текстот на законот со своите дискусии, сугестии и забелешки, упатени до изготвувачите на законот.
Суштината на овој закон, објавен во „Службен весник на Р*М“ на 29 јануари 2024 година, исто како и претходниот закон, е содржана во првиот член од законот: „(1) Со овој закон се уредуваат употребата на македонскиот јазик, утврден со Уставот …. како службен јазик на целата територија на Република * Македонија и во меѓународните односи… надзор над спроведувањето на овој закон и други прашања од значење за употребата на македонскиот јазик. (2) Употребата на македонскиот јазик како службен јазик е право и должност на граѓаните на Република * Македонија. (3) Употребата на македонскиот јазик како службен јазик во меѓународните односи е право и должност на секој претставник на државната власт и на локалните власти. (4) Македонскиот јазик е нематеријално културно наследство на Република* Македонија, согласно со законот“.
„Политика“: Кои новини ги опфати новиот Закон за употребата на македонскиот јазик?
Елка Јачева-Улчар: Новина во Законот за употреба на македонскиот јазик од 2024 година е тоа што е предвидено на секои пет години да се донесува „Национална стратегија за македонскиот јазик (…), со која се утврдуваат среднорочни цели и приоритети за примена, заштита, унапредување и збогатување на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо“. Покрај ова, според овој закон, предвиден е и Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик како орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице. Во Законот за употреба на македонскиот јазик од 2024 година се предвидува задолжително вработување лектори за македонски јазик во „[…] органите на законодавната, извршната и судската власт, дипломатските и конзуларните претставништва на Република * Македонија во други земји и во меѓународните организации, во органите на единиците на локалната самоуправа, во други правни лица основани согласно со уставот и законот…“





