Украина спремна за примирје, Русија го ракетираше родниот град на Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека Украина го смета предлогот на Вашингтон за 30-дневен прекин на огнот со Русија како „позитивен“.



Претходно, американската и украинската делегација започнаа разговори во саудискиот град Џеда за да разговараат за изгледите за евентуален мировен договор со Русија, по што во заедничката изјава беше изразена подготвеноста на Киев да го прифати американскиот предлог за воведување „итно, привремен“ 30-дневен прекин на огнот.
Во видео-обраќање, Зеленски рече дека украинската делегација го информирала за разговорите, кои тој ги опиша како „конструктивни“.

„Нашиот став е апсолутно јасен: Украина бара мир од првата секунда од војната и сакаме да сториме се за да се обезбеди мирот да се постигне што е можно поскоро и на сигурен начин – за да нема повеќе војна“, рече Зеленски.

„Сметаме дека тоа е позитивно. Подготвени сме на овој чекор, а САД мора да ја убедат Русија да го направи тоа. Односно, ние се согласуваме, а ако Русите се согласат, прекинот веднаш ќе стапи на сила“, рече Зеленски.

Францускиотпретседател Макрон по вчерашниот договор во Џеда, изјави дека „сега топката е на теренот на Русија“.

За жал, како одговор минатата ноќ, Русија изврши ракетни напади врз Украина.

Киев беше под руски воздушен напад во текот на ноќта, а силите за воздушна одбрана ги одбија нападите, објави на Телеграм го објави градоначалникот на украинската престолнина Виталиј Кличко, цитиран од АФП.

Четири лица загинаа во руски ракетен напад врз пристаништето Одеса, соопштија украински извори, а пренесува АФП.

Руски ракетен напад имаше и врз Криви Рих, родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски, во кој загина 47-годишна жена и предизвика пожар во инфраструктурен објект, изјави гувернерот на областа Днепропетровск, Вадим Филашкин.

Според локалниот функционер Олександр Вилкул, најмалку две лица се ранети во нападот, објави тој на Телеграм.