Уште еден палестински новинар беше убиен во израелски воздушен напад во Појасот Газа утрово, со што бројот на загинати од октомври 2023 година достигна 210, соопштија локалните власти, пренесе Ројтерс.
Канцеларијата за медиуми на владата на Газа го идентификуваше убиениот новинар како Хелми Ал-Факави, известувач на новинската агенција Палестина тудеј, во нападот што беше насочен кон шатор за новинари во близина на болницата Насер во јужниот град Кан Јунис.
Во истиот напад загина еден цивил, а беа повредени и девет новинари.
„Апелираме до Меѓународната федерација на новинари, арапската новинарска унија и сите новинарски организации ширум светот да ги осудат овие систематски злосторства врз палестинските новинари и медиумски работници во Газа“, соопшти канцеларијата за медиуми.
Според Синдикатот на палестинските новинари, бројот на новинари убиени во Газа од почетокот на израелската офанзива во октомври 2023 година веќе надминува 210.
Само во понеделникот во израелските напади загинаа најмалку 10 Палестинци во Газа, според локалните здравствени власти.
Вкупниот број на убиени Палестинци од почетокот на израелската офанзива надминува 50.000.





