Тунески: Проектот со „Митилинеос“ е бескрупулозен грабеж на буџетот и граѓаните – Апел до пратениците да не го изгласаат!

„Со 150 милиони евра инвестиција „Митилинеос“ преку разни форми во период од 30 години ќе добие подршка од Владата најмалку седум пати поголема од таа инвестиција. Стратегискиот инвестициски проект ‘Митилинеос когенеративна централа Скопје’ е добро осмислен и бескрупулозен стратегиски грабеж на граѓаните и буџетот на Македонија во наредните 30 години. Ги повикувам сите пратеници во Собранието да не го изгласаат овој штетен закон. Ги повикувам сите други политички чинители да го спречат донесувањето на овој закон со долгорочни штетни последици по нашето општество.“ – со овој остар напад кон Владата, поткрепен со серија аргументи, се огласи проф. д-р Атанаско Тунески, редовен професор во Машинскиот факултет во Скопје, преку својата колумна со наслов „Дали стратегискиот инвестициски проект „Митилинеос – когенеративна постројка Скопје“ е стратегиски проект за грабеж на граѓаните и буџетот на Македонија?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Во колумната, покрај другото, професорот Тунески пишува: Деновиве Владата упорно и на брза лента, во скратена постапка, преку повлекување и повторно предлагање на законите, во услови на функционирање техничка влада и закажан датум за претседателски и парламентарни извори, прави напори четирите закони за стратегиски инвестициски проекти да бидат повторно ставени во парламентарна процедура, со цел по секоја цена и час поскоро да бидат изгласани од народните пратеници.

Владата се обврзува на „Митилинеос“ за период од 30 години да му ја откупи вкупната произведена електрична енергија по загарантирани цени, што се речиси 17 отсто повисоки од берзанските, како и вкупно произведената топлинска енергија. Со тоа вкупната загуба на Македонија само по оваа основа ќе изнесува повеќе од 450 милиони евра. Во 30-те години, колку што е предвидено да трае договорот, сегашната влада се откажува од околу 1,2 милијарда евра профит, кој ќе заврши како профит на „Митилинеос“.

Група реномирани универзитетски професори и инженери – врвни и докажани авторитети и експерти во својата научна област, преку свои јавно изнесени ставови, мислења или егзактни пресметки во медиумите, или општествените мрежи, укажуваат дека проектот „Митилинеос когенеративна гасна постројка Скопје“ е профитабилен базичен енергетски проект, кој треба да се гради како еден национален проект, финансиран и изграден од нашата држава, а не од некој стратегиски инвеститор. Со оваа гасна електроцентрала треба да стопанисува државната компанија ЕСМ, при што од остварениот профит во наредниот период ќе се создадат можности да се финансираат нови базични енергетски објекти.

Не смее да се дозволи од овој проект приватниот странски инвеститор да остварува енормен профит и да му се даваат огромна државна помош и голем број поволности и поттикнувања финансирани од државниот буџет, од средствата од државните енергетски претпријатија, што им припаѓаат на сите граѓани, или од самите потрошувачи, преку плаќањето на нивните сметки за струја и топлина. Државната помош што Владата ќе му ја даде на „Митилинеос“ е неколкукратно поголема од неговата инвестиција.

Владата на „Митилинеос“ противправно би му овозможила имотна корист, не добивајќи за возврат ниту еден процент сопственост во идната гасна централа. Со државната помош од 49,3 милиони евра, Владата всушност му го финансира на „Митилинеос“ учеството за кредитот, со кој тој ќе ја гради гасната електроцентрала, а потоа кредитот лесно ќе се отплаќа од профитот, што „Митилинеос“ ќе го има, а кој на годишно ниво изнесува над 40 милиони евра. Во 30-те години, колку што е предвидено да трае договорот, актуелната влада се откажува од најмалку 1,2 милијарда евра, средства што ќе завршат како профит на „Митилинеос“. На овој начин владините претставници вршат злоупотреба на службената положба и му овозможуваат на „Митилинеос“ да се стекне со противправна имотна корист.

Давањето на неповратната помош, не добивајќи за возврат ништо, како и гарантираните приходи, под закана на големи пенали во случај на неисполнување на обврските, претставува најочигледен пример на злоупотреба на службената положба и овозможување противправна имотна корист на други лица, што бараме да се спречи.