„Труд“: Македонската армија – мала, но со срце

Во контекст на договорената соработка и во воената област при завчерашната заедничка седница на владите на Македонија и на Бугарија во Струмица бугарскиот весник „Труд“ во денешниот број ги претстави капацитетите на Армијата на Република Македонија (АРМ).



„Во моментов бројноста на армијата е околу 13.000 луѓе, сите од нив професионалци. На мобилизација во случај на војна подлежат 533.000 луѓе, а способни за служба се околу 444.000. Буџетот за одбрана е 230 милиони американски долари, што претставува 2,5 проценти од бруто општествениот производ на земјата. За споредба, во Бугарија тој показател е 1,35 отсто во 2016 година, а целта поставена од НАТО е да се достигнат 2 проценти по извесно време“, се вели во текстот.

Правејќи паралела меѓу само „четирите расипани тенка Т-34 од Втората светска војна“ при формирањето на АРМ во 1992 година со сегашните 31 тенк Т-72, уште се наведуваат украинските хеликоптери, од кои 10 МИ-24 и седум МИ-8, како и два „бел“, а тука се и над 200 преносни ракетни системи „Стрела 2“ и 10 од системот „Игла“.

Осврнувајќи се и на борбеното искуство во конфликтот во 2001 година и на 13 септември 2011 година во Авганистан, кога македонските мировници заедно со американските војници го одбија нападот на Талибанците во Кабул, „Труд“ на крајот пишува дека АРМ има „славна историја, која што може да има продолжение“.