Бугарскиот аналитичар и новинар Бојан Чучков тврди дека бугарската влада се брза да го потпише договорот со Македонија за да ги исполни барањата на САД според кои наскоро сите земји на Балканот треба да станат членки на НАТО.
Според анализата на Чучков по Црна Гора сите земји од Балканот ќе влезат во алијансата за да се спречат сите можни конфликти и кризи во регионот.
Хомогенизацијата на Балканскиот полуостров е неопходно за реализација на американскиот проект „Триморие“ кој што ги вклучува териториите и државите меѓу Јадранското, Балтичкото и Црното Море.
Овој план според анализата има три цели. Првата е да се блокираат сите комуникации меѓу западна Европа и Русија, пред се меѓу Германија, Франција, Италија со Москва.
Централна поента во оваа точка е да се блокираат гасоводите и нафтоводите од Русија кон западна Европа.
Втората цел е да се мобилизира целиот воен и пропаганден капацитет на источна Европа против Русија, поради што САД инсистираше на 2 % од државните буџети на членките на НАТО за одбрана.
Третата цел е да се обезбедни рестартирање на транспортниот коридор 8, Бургас – Драч кој вклучува и нафтоводи и гасоводи од Блискиот Исток и Каспискиот басен кои што треба да ги истуркаат рускиот „Газпром“ од европските пазари.
Според авторот, проектот „Триморие“ го довел Зоран Заев во ситуација Бугарија да признае дека македонскиот јазик не е дијалект на бугарскиот. Софија договорот со Македонија го потпишува на штета на своите национални интереси а за тоа не реагира ни најголем дел од бугарската елита.
Единствена земја членка на НАТО која што е важна за проектот „Триморие“ а води своја национална политика е Турција која што заедно со Полска е еден од главните актери. Турција според анализата се зближува со Русија, купува руско оружје, води дијалог со Техеран и ги уништува мрежите на Фетула Ѓулен со што претседателот Ердоган станува непопуларен во Вашингтон. Сепак тој поради стратегиската важност на неговата земја може во исто време да кокетира со Москва а и покрај нарушените демократски стандарди и непредвидливоста да остане најважен партнер на САД во регионот.




