Во изминатите шест години опожарени се 30 илјади хектари шуми во вредност од 55 милиони евра. Оваа состојба е загуба за државата, вели директорот на „Национални шуми“, Здравко Трајанов, во интервју за Радио Слободна Европа.
Запрашан зошто Македонија не е во состојба да спречи пожари, Трајанов како главен проблем ги гледа недостигот на работници на терен, екстремната партизација и ниските плати.
Трајанов вели дека од 80 до 120 вработени во „Национални шуми“ секојдневно се борат со пожарите кои се проширија насекаде на територијата на државата, притоа отфрлајќи ги тврдењата дека вработените немаат соодветна опрема.
Сепак, Трајанов рече дека по неговото назначување во оваа дирекција се соочил со институција која била пред стечај, каде што вработените не земале плата 4 месеци, додека компанијата била во долгови.
„Во ситуација кога претпријатието било во катастрофална состајба, менеџментот од предходниот состав се ставил во функција на политиката, наместо во функција на претпријатието“, вели Трајанов.
„ Последните огласи за вработување, условно се огласи за вработување на сечачи, доторачи, редачи на дрво и тоа околу 400 луѓе: еден оглас е за 320, другиот е за 40. Што се случува? На име на сечачи се примаат партиски структури. За само неколку дена, сите тие луѓе кои се примани како сечачи, со искучок на двојца, тројца во целата држава, добиваат работни налози да бидат во администрација.
„Имаме ситуација на хартија да имаме 320 дрвосечачи, но во пракса тоа се вработени лица вградени во администрацијата. И сега имаме проблем со тие луѓе. Не сакаат да ги извршуваат работните обврски, иако се договориле да бидат дрвокрадци. Некои од нив се дури и трагично изманипулирани. Таму се вработени шумски инженери, шумски техничари, ги понижиле да бидат учесници на тој конкурс, за да се вработат на неопределено време“, нагласи Трајанов.






