„Само уште три гласа му недостигаат на републиканецот Доналд Трамп за да победи на изборите во САД. Според резултатите од 44 држави од вкупно 51, каде што гласовите се пребројани, Трамп води со 267 наспроти 226 електорски гласови на демократската кандидатка Камала Харис, а има мнозинство од околу пет милиони обични гласови на Американците.“ – објави „Фокс њуз“.
Трамп веќе објави победа во Флорида, каде што го следеше пребројувањето на гласовите и дури предмалку го одржа својот победнички говор како новоизбран претседател на Соединетите Американски Држави. Ниеден републиканец, вклучително и Трамп, не добил мнозинство обични гласови на избори од Џорџ Буш во 2004 година па наваму, што ја прави реална објавената победа на Трамп. Тој до овој момент освои 51 отсто гласови на изборите, а Камала 47 отсто.
„Исто така, изгледа дека ќе ја задржиме контролата и врз Претставничкиот дом“, рече Трамп, но остави простор и за поинаков исход во трката за преземањето на контролата врз американскиот Сенат. Меѓутоа, претходно веќе беше објавено дека републиканците ја презеле контролата врз Сенатот. Републиканската партија има мало мнозинство во долниот дом на Конгресот, а државите, што сè уште не се пребројани, ќе одредат дали тие ќе останат во водство.
На сцената во Вест Палм Бич, Трамп прогласи победа и вети дека ќе донесе „златно доба“ на САД. „Ова беше движење какво што никој досега не го видел и верувам оти беше најголемото политичко движење на сите времиња. Никогаш немало вакво нешто во оваа земја, а можеби и пошироко.“ – посочи Доналд Трамп.
„Ќе и помогнеме на нашата земја, на која и треба многу помош. Ќе си ги поправиме границите. Ќе поправиме сè, за нашата земја. Вечерва направивме историја со причина, а причината ќе биде тоа што ги надминавме пречките, за кои никој не мислеше дека се можни. Сега е јасно дека го постигнавме најневеројатното политичко нешто.“ – порача Трамп.
Тој „му се заблагодари на американскиот народ за извонредната чест, што му била укажана да биде избран како негов 47-претседател“, но и претходно „како 45-ти претседател, на секој граѓанин“. „Ќе се борам за вас, за вашето семејство и вашата иднина. Секој ден ќе се борам за вас со секој здив и нема да мирувам додека не ја направиме Америка силна, безбедна и просперитетна, каква што ја заслужуваат нашите деца и каква што ја заслужувате вие. Ова навистина ќе биде златното доба на Америка.“ – вети Доналд Трамп.





