Трамп загрижен: Комунистички лудак може да стане градоначалник на Њујорк

По победата социјалистот Зохран Мамдани на прелиминарните избори во Демократската партија за градоначалник на Њујорк, со објава на Truth Social  реагираше претседателот Доналд Трамп.



„Конечно се случи, демократите ја преминаа границата. Зохран Мамдани, 100% комунистички лудак, штотуку победи на демократските прелиминарни избори и е на пат да стане градоначалник. Имавме радикални левичари и претходно, но ова станува смешно.

Изгледа СТРАШНО, гласот му е рапав, не е многу паметен, …, па дури и нашиот голем палестински сенатор, солзливиот Чак Шумер, ползи пред него. Да, ова е голем момент во историјата на нашата земја“, напиша Трамп.

33-годишниот демократски социјалист ја шокираше политичката сцена во Њујорк победувајќи го поранешниот гувернер Ендру Куомо на демократските прелиминарни избори за градоначалник на Њујорк.

Мамдани е роден во Уганда во 1990 година и пораснал во Њујорк, каде што се преселил со своето семејство кога имал седум години. Неговата мајка е познатата индиска режисерка Мира Наир, а неговиот татко е угандански активист и академик. Неговото име – Зохран Кваме – комбинира референци на персиско, африканско и индиско културно наследство.

Мамдани често го посочува своето имигрантско потекло како основа на неговите политички ставови:

„Пораснав во систем каде што многу рано научив што значи да се биде сиромашен, невидлив и погрешно разбран“.

Мамдани отворено се нарекува себеси „демократски социјалист“. Неговата политичка платформа се базира на борбата против сиромаштијата, расната и класната нееднаквост и климатската криза. Тој се залага за бесплатен јавен превоз (укинување на автобуските билети), универзална грижа за деца, замрзнување на киријата за субвенционирано домување, попристапни цени во продавниците и прогресивно оданочување на најбогатите.

Неговиот став за надворешна политика, исто така, се разликува од мејнстрим Демократската партија: Тој отворено ги поддржува Палестинците и ги критикува израелските политики, што често го доведува во конфликт со произраелското лоби во партијата.