Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска објави дека конгресменот од Флорида, Мајк Волц, ќе биде негов советник за национална безбедност во новата администрација.
Трамп на својата платформа Truth Social изјави дека Волц служел во специјалните сили на армијата 27 години, каде што бил ангажиран во борби за кои добил четири медали.
Тој додаде дека Волц е „признат лидер во националната безбедност и експерт за заканите што ги претставуваат Кина, Русија, Иран и глобалниот тероризам“, објави Си-Ен-Ен.
Волц ги критикува сојузниците во НАТО за ниските трошоци за одбраната и е скептичен за воената поддршка на САД за Украина. Во септември 2023 година, тој напиша статија за Фокс њуз со наслов „Заврши ерата на празни чекови за Украина од Конгресот“, во која инсистира американската воена помош да зависи од придонесите од европските земји.
Претходно во ноември тој го нарече ветувањето на Трамп за почеток на преговори меѓу Москва и Киев „совршено разумно“.
Во неговиот прв мандат како претседател (јануари 2017 – јануари 2021 година) Трамп смени четворица советници за национална безбедност. Мајкл Флин издржа помалку од еден месец на оваа функција и поднесе оставка откако призна дека на ФБИ му дал нецелосни информации за контакти со рускиот амбасадор. По Флин следеа Херберт Мекмастер, Џон Болтон и Роберт О’Брајан.






