Трамп веќе освои 248 електорски гласови, наспрема Харис со 216 гласови, и води во сите 6 сојузни решавачки држави

Републиканскиот кандидат Доналд Трамп има освоено 248 електорски гласови до овој момент, а демократската кандидатка Камала Харис има 216 електорски гласови. За избор како нов претседател на Соединетите Американски држави се потребни 270 електорски гласови.“објави „Фокс њуз“ од САД утрово на 6 ноември 2024 година во 6 часот и 50 минути, сметано според македонско време. Републиканците ја објавија својата проекција и дека ја преземаат контролата врз Сенатот со најмалку 51 место за целосно мнозинство.  



Врз основа на соопштените резултати од пребројувањата на гласачките ливчиња до 4 часот утринава на 6 ноември 2024 година, сметано според македонско време, Трамп води во сите 6 одлучувачки држави, но сè уште не е започнато пребројувањето во Невада.

Трамп победи во Алабама, Арканзас, Флорида, Ајова, Индијана, Канзас, Кентаки, Луизијана, Мисури, Мисисипи, Монтана, Северна Дакота, Небраска Дистрикт 1, Небраска Дистрикт 3, Охајо, Оклахома, Јужна Каролина, Јужна Дакота, Тенеси, Тексас, Јута, Западна Вирџинија, Џорџија и Вајоминг. Харис победи во Вирџинија, Колорадо, Конектикат, Дистрикт Колумбија, Делавер, Илиноис, Масачусетс, Мериленд, Мејн Дистрикт 1, Њу Џерси, Њујорк, Род Ајленд, Вермонт, Калифорнија и Вашингтон.

Доналд Трамп води и во гласовите: досега има освоено 64,5 милиони гласови, а Камала Харис 59,8 милиони гласови. Трамп објави видео порака, во која најави дека очекува „голема победа“ на изборите и најави дека „се прават големи махинации во Пенсилванија“, клучна држава. Во конгресниот центар на Трамп се слушаат гласни овации по секоја најава за неговото водство во една од државите, а на митингот на имотот на Трамп Мар-а-Лаго на Флорида почнаа да пристигнуваат и луѓе подготвени да слават.

Изборниот тим на Камала Харис очекува Доналд Трамп предвреме да прогласи победа. Безбедносните служби се подготвуваат да го блокираат паркот на плоштадот Лафает во близина на Белата куќа, ако избувнат немири.