Тошковски: Преспанскиот Договор нема да се прекрши, ако се продолжи важноста на пасошите со старото име

„Преспанскиот договор нема да биде прекршен, ако се продолжи рокот на важноста на пасошите. Два милиона лични документи, пасоши, лични карти, документи за автомобили, имот, се на старото име и треба да се сменат.“ – изјави техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски во емисијата „Интервју“ на телевизијата на албански јазик Шења.



ТВ Шења ги објавува нагласките од искажувањата на Тошковски: Тој рече дека официјално само Грција не ги прифаќа пасошите со старото име, додека другите земји,  како што кажа, имаат разбирање за граѓаните на Македонија. „Не можете да излезете од Македонија со стар пасош, поради еден член од законот за лични документи, кој вели дека по 12.02.2024 година пасошите повеќе нема да важат.“ – напомна Тошковски.

Тој укажа дека амбасадорот на Хрватска потврдил оти нема проблем да се влезе во Хрватска со пасошот со старото име на државата. „Истото ми го кажа и амбасадорот на Австрија: ми рече дека имаат разбирање за нас… За овие земји, што ги споменав, не сум слушнал дека има проблем. Знам дека има поблем официјално со Босна и Црна Гора во врска со старите пасоши. – нагласи министерот Тошковски.

Тој нагласи дека со неизменувањето на Законот за лични документи се прекршуваат основните права на луѓето, но ако се промени нема да биде прекршен Преспанскиот договор. „И да го зголемиме бројот на фотографирања на 100 илјади месечно, нема да можеме да го решиме проблемот со личните документи.“ – предупреди Тошковски.

Тој додаде дека беше практично неможно да се проблемот до 12.02.2024 година. „Го кажувам овој датум, бидејќи тој беше последен до кога важеа документите. Факт е дека на овој датум повеќе од 650 илјади граѓани имаа активни пасоши, тоа се пасоши со старо име, кои имаат важечки датуми 2024, 2025, 2027, 2028 година. Во 2021 година пасошите во април и мај беа дадени со старото име.“, рече Тошковски.

Министерот рече дека никој не сакаше да се смени името, но и оти можеле да го одредат рокот на важност на документите да биде 10 години. Според него, единствено решение за овој проблем е продолжување на рокот, односно промена на законот. „Два милиона лични документи, пасоши, лични карти, документи за автомобили, имот, се на старото име и треба да се сменат.“ – рече Тошковски.