Тошковски: Новинарите да се воздржат од пренесување трогателни сцени

Министерството за внатрешни работи(МВР) ќе објави протокол за утрешниот ден кога ќе бидат погребани жртвите од пожарот во Кочани кој се случи во неделата. 



Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски апелираше до новинарите, но и до сите кои поседуваат некаква камера, да се воздржат од пренесување на трогателни сцени во текот на утрешниот ден кога е планиран колективен погреб за жртвите од трагедијата во Кочани.

„Јас лично би упатил порака до сите кои имаат во себе камери како новинари така и сите останати, максимално да го испочитуваат апелот од страна на дел од фамилиите. Мислам дека апелот за воздржување од пренесување на тие трогателни сцени кои ќе бидат во текот на утрешниот ден, нашето почитување на тој апел би било наша одговорност како општество“,  изјави Тошковски.

Јавноста ќе биде информирана за протоколот. Воедно се вршат и проценки каде точно ќе се забрани летање на дронови во наредниот период. 

Агенцијата за цивилно воздухопловство реагира дека синоќешното медиумско снимање со дрон на собирот на Плоштад Македонија во Скопје на кој се изрази масовно незадоволство од трагичниот настан во Кочани го прекршил “Правилникот за воздухоплови без екипаж” стапен на сила на 01 јуни 2024 со одложена примена од 01 јануари 2025.

Во соопштението се вели дека покрај инспекторите од Агенцијата за цивилно воздухопловство, надзор врз операциите со воздухоплови без екипаж можат да вршат и полициски службеници.