Тошковски: Злоупотребените милиони ќе се вратат во буџетот на општина Штип

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски во емисијата „Интервју“ на телевизијата на албански јазик Шења ја искоментира последната полициска акција, во која беа вмешани повеќе лица. Тој укажа дека Секретаријатот за внатрешни работи од Штип  обезбедил докази за злоупотребата на службена должност и фалсификување документација, за фиктивна количина нафта, која е испорачана во рамки на повеќе институции на општината.



„Тоа е временскиот период од почетокот на 2021 година,  вклучително и 2023 година. Во овој случај се вмешани повеќе лица. Злоупотребени се многу милиони буџетски пари на  општина Штип.“ – рече министерот Тошковски. Тој додаде дека е целта овие пари да се вратат во буџетот на општина Штип.

Тој беше запрашан какви се неговите односи со техничкиот премиер Талат Џафери. Тошковски  одговори оти бил обвинет од Талат Џафери дека не создал услови за зголемување на капацитетите за издавање лични документи. Сто илјади граѓани имаат идентификациони документи со старото име Република Македонија. „Овие 100 илјади луѓе немаат право на глас. Човеково право ќе прекршиме со тоа. Овие 100 илјади луѓе до 18 март, а не до мај, ќе бидат избришани од Изборниот список, ако не се промени законот. Не можам да верувам дека немаат волја да сменат еден член од законот.“ – нагласи Тошковски.

Според него, со неизменувањето на Законот за лични документи се прекршуваат основните права на луѓето, но ако се промени законот, ако се продолжи и рокот на важноста на пасошите, нема да биде прекршен Преспанскиот договор. „И да го зголемиме бројот на фотографирања на 100 илјади месечно, нема да можеме да го решиме проблемот со личните документи.“ – предупреди Тошковски.

Тој наведе дека никој не сакал да се смени името, но и оти можеле да го одредат рокот на важност на документите да биде 10 години. Според него, единствено решение за овој проблем е продолжување на рокот, односно промена на законот. „Два милиона лични документи, пасоши, лични карти, документи за автомобили, имот, односно се на стари имиња и треба да се сменат И да го зголемиме бројот на фотографирања на 100 илјади месечно, нема да можеме да го решиме проблемот со личните документи. “ – рече техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски во „Интервју“ на ТВ Шења.