„Многу ми е жал што морам да констатирам дека состојбата со обезбедувањето лични документи не е иста како онаа што ја оставивме, oдносно во овие три недели откако ја напуштив функцијата министер за внатрешни работи во техничката Влада.



Наместо чекор понапред, повторно настана хаос, работат помалку шалтери и се зголеми бројот на луѓе кои чекаат“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој вчера го посети Секторот за управни работи Скопје во објектот на МРТ и во станицата „Пролет“.

Тошкоски претходно беше министер за внатрешни за време на техничката влада и функцијата ја презеде токму во момент кога кулминираше хаосот со издавање на документи на граѓаните – долги редови за фотографирање, недостиг на обрасци на пасоши , лични карти и возачки дозволи, месеци чекање за термин и за подигање на готовите документи.

Тошковски рече дека Министерството за внатрешни работи е сервис за граѓаните и во овој контекст административните служби се една од клучните области и затоа во наредниот период ќе преземеме интензивни мерки за нормализирање на работата во краток временски период и „секој граѓанин ќе може да добие неговиот документ во достоинствена постапка и во разумен рок“, рече Тошковски.