„Летописот на македонската опстојба низ вековите прилега на неверојатна приказна: речиси, нема многу вакви или слични примери во историјата, за олку жилавост и истрајба пред непогодите на времињата! Иако благонаклонетоста на судбата најчесто ги разминувала, Македонците врашки упорито чекореле кон хоризонтите на надежта, па успеале конечно да се доближат до големата цел да се опстои низ премрежјата на долгата и исцрпувачка борба, проследена од востанија и од порази, од пркоси и поревања. Суровата школа на егзистенцијата ги научила Македонците на впечатлива издржливост. Македонија е вековита и непореклива.“ – вака беседеше Гане Тодоровски, еден од великаните на македонската литература и јазик во 20-тиот и 21-виот век и еден од столбовите на македонската национална самосвест, во своето дело „Македонија културно наследство“– „Македонија – вековита и непореклива“ во 1995 година. Денес е 22 мај, денот кога пред 14 години почина овој великан на македонскиот национален идентитет и на македонската книжевност и духовност. Сето свое пребогато творештво и вдахновувачките пораки, што извираат од него, Тодоровски му ги завешта на македонскиот народ, станувајќи притоа еден од духовните светилници за неговата македонска иднина.
Вака пишуваше Гане Тодоровски за Македонија: Ој, Македонијо, пушти го родот нека се растура / небаре семето Хамово, небаре проколнатици. / Живите треба да живеат, мртвите ќе починуваат / а безработните ќе трагаат пo работа. / Ој, Македонијо, науми почит кои мртвите, / збери ги коските на своите закубеници, / коските Мисирковите, коските Цепенковите, /коските Ѓорче Петровите, / прибери ги во Скопје, / покpaj Гоцевите, покрај најсветите, / и крени крај нив паметник / на неродениот Македонец — Ој, Македонијо, / колку ли уште ни треба / за да те домакедончиме!
Со својата песна „Македонски монолог“ Гане Тодоровски се извишува во блескавите врвови на македонската поезија и всушност води дијалог со македонското минато, сегашност и иднина во името на македонскиот народ. Покрај другото, во „Македонски монолог“ Тодоровски испеал: В крвта ни остана едно недоречување, / ропско, македонско и зошто не: наметнато! И требат тони грижи на појќе поколенија / за да се истријат тие петна / на срам од себеси, од себепремолчување. / … одвеќе стоиме! И ако така уште постоиме, / не ќе постоиме! / … Толку се страхувам, некоја јанѕа ме јаде / да не би одново да Те раздадеме! …
Тодоровски дипломирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што бил дологодишен професор. Постигнатите научни резултати во областа на македонистиката го вбројуваат меѓу најистакнатите дејци во славистичките кругови во Европа и светот. Во 1951 година станува член на Друштвото на писателите на Македонија. Двапати (1969-1971 и 1985-1986) е и негов претседател. Бил претседател и на Советот на Струшките вечери на поезијата (1970-1971). Како член на Македонската академија на науки и уметности е избран во 1997 година. Напишал 12 книги со поезија, кои секогаш значеле настан во мигот на појавувањето и оставиле длабока трага во летописот на современата македонска литература. Неговите први стихови датираат од времето на Втората светска војна и во нив се огледа тематскиот и стилски печат на една епоха, во која се прават првите чекори кон македонската самостојност и слобода. Натаму овој исклучително плоден поет учествуваше во сите творечки периоди, низ кои минуваше македонската поезија, давајќи богат придонес кон нејзиниот развој.
Академик Гане Тодоровски е истакнат преведувач на модерната светска поезија на македонски јазик. Еден дел од неговите активности е сврзан и со историјата. Тој беше пасиониран истражувач на македонскиот 19 век, книжевно-историска област кон која тој целиот свој творечки век беше доследно приврзан. Тој ги толкува делата на нашите претходници не само како документи и сведоштва за минатото, туку и како активни чинители и вообликувачи на нашиот современ литературен израз и на состојбата на нашата современа национална свест.
Тој ја смести во националната книжнина и во македонското колективно паметење и својата монументална песна „Македонски јазик“, во која, меѓу другото, порача: … Се откорна ти како борбен вик / на востанатиот наш бунтовник
/ што прв ја презре ропската мирнотија!Низ тажачки се раздипли в клет збор, / закремене низ корав непокор / ко завет свет на тие што нè родија / Ти возбудлив здив на татковината! / и биди верен вардач на сиот народ наш, / на молитва татковинска да прилегаш … / воздишко низ која првпат сме заплакале!
Академик Тодоровски е добитник на повеќе признанија, награди и голем број пофалници во Македонија и во странство. Во 1995 година во Москва ја напишал песната „Завет“ и тогаш оставил тестамент, во кој кажал дека сака да биде погребан во селото Кожле, од каде што потекнуваат неговиот дедо и прадедо, и задолжително да биде прочитана, наместо посмртен говор, неговата песна „Завет“, која ја напишал за тој ден. Неговото семејство му го исполнија заветот и го оставија да почива на гробиштата во Кожле, до црквата Св. Спас под огромен, повеќестолетен даб. Местото е онакво какво што самиот Гане го замислил и го опишал во „Завет“. Починал на 22 мај, а е закопан во „Свети Спас“ на 26 мај 2010 година.
Завет: Овдека дечиња, овдека внучиња мои./ Ридјето кај што се гравали, дабјето кај што се рои, / Могилка малечка овдека нека ми стои. / Могилка молковна: два-три миловидни бреста – / Налик на клепала, за да ја разнесат веста / Дека на некојси овдека гласот му престанал… / Грска темјанушки, ко што е редно, да ‘ртат, / Колку на минувачите погледот да им го свртат / И да им приспомнат троа-од-троа за смртта. / Кожле да вишнее. Вардар со рикот да рика,
/ Полногласно од врутока до утока да вика. / Одоколу да тече време македонско, да блика… / Могила што ќе ја молитват ветројне планински, / Камен, со неколку галежни зарешки кирилски, / И – едно нашинско презиме, со златно крајче на СКИ!
„Завет“ е во вистинската смисла на зборот Заветна за македонскиот народ, бидејќи Гане со својот последен македонски поетски здив ќе му остави трајно завештание на својот народ секогаш да се бори за својот опстој: … Одоколу да тече време македонско, да блика!
Подготвил: Свето Тоевски





