„До целиот македонски народ! … ние дојдофме у искушение да станеме жртва на една најгнасна измама и лага: да мислиме дека баш многонародниот поробител, кучето Хитлер, е наш ослободител! У толку повеке што таја измама и лага стана страшно оружие во раците на Хитлеровиот вазал од Болгарија, цар Борис Трети и Последни и неговото народоиздајничко правителство, кои почнава да го обезоружувајат народот со својата архилага: како баш нимната политика довела да се ‘ослободи’ Македонија и ‘обедини’ Болгарија… Македонци! Никога, ни кучето Хитлер, ни неговиот вазал Борис Последни, не можеле, не мислат, нити се достојни да мислат за слободата на Македонија!“ – ова е еден од клучните делови од „Прогласот“ на Коста Солев Рацин до целиот македонски народ во екот на Втората светска војна за пружање отпор на бугарскиот фашистички окупатор на Македонија, кој има своја вредност како негова тестаментална порака до македонскиот народ и за сегашноста и иднината на Македонија, во ова време кога таа како држава и нејзиниот создател, државотворниот македонски народ се соочени со ултиматумите и притисоците за промената на домашниот устав и внесувањето на Бугарите во него, заради „отворањето на преговорите за интегрирање во ЕУ“.
„Борис Последни одамна се бореше против Македонците во Болгарија, ги осудуеше на смрт и ги стрелаше по софијските улици како кучиња… Што имајат они да зборујат за Македонија и што има да чека од ним македонскиот народ? Ништо повеке од ново и поцрно робство. … Братја Македонци! Ние не смееме на никого од нас да дозволиме да стане жертва на лагата на „ослободена“ Македонија! Напротив, требе сериозно да се помислиме над това што ни мислат подлецот Хитлер и неговот гнасно орудие – Борис и неговото правителство!“ – ова е вториот исклучително значаен дел од споменатиот „Проглас“ до македонскиот народ.
Авторот тој „Проглас“ Кочо Рацин, револуционерот и поетот на народната македонска душа, е убиен смислено на денешен ден, на 13 јуни во 1943 година на пат кон партизанската база на планината Лопушник, близу Кичево, поради неговата замакедонска линија, која отстапувала од плановите на Комунистичката партија на Југославија. Вечерта на 13 јуни, додека се враќал во партизанската печатница на планината Лопушник, Кичевско, смртоносно бил застрелан од Мино Миновски, партизанот кој го чувал пристапот кон печатницата. Рацин бил на триесеттина метри подолу од него, а партизанската база се наоѓала на 300-400 метри од печатницата. Посмртните останки на поетот денес се наоѓаат во Спомен-костурницата во Велес, каде се наоѓаат и посмртните останки од неговите загинати соборци и другари.
Кочо Рацин како поет и револуционер остави неизбришлива трага во македонската историја и литература. Немерливо е значењето на неговиот живот и дело, на неговата поезија и афирмацијата на македонската самобитност и на македонскиот јазик во предвечерјето на кодификацијата на македонскиот литературен јазик. Под светлината од гасиената ламба Кочо Рацин ги запишуваше своите мисли, чувства, надежи. Преку пишаниот збор се бореше против неправдата и ја воспеваше љубовта. Во стихови ги преточи маките на аргатите, тутуноберачите, работниците. Рацин ја преслика душата на Македонецот и на македонската земја во бесмртни стихови и проза. За велешани и за сите нас Коста Солев Рацин е израз на македонскиот јазик, култура и самобитност. Неговата „Бели мугри“ нè потсетува и нè уверува дека зборот е најсилното оружје, оти песната нема граници, а чистата мисла е безвремена и бесмртна.
Рацин уште пред почетокот на Втората светска војна силно се борел против српската и бугарската пропаганда. Често и влегувал во отворени дијалози на јавни места со официјални странски лица, кои работеле на посрбување и побугарување на македонскиот народ. Никола Вулиќ, истакнат српски археолог кој долго време работел во Вардарска Македонија, на 3 декември во 1939 година во врска со „дилемата“ „Јужна Србија, или Македонија?“. Основата поента на предавањето било да се докаже дека нема место залагањето на Македонците за употреба на името Македонија како синоним за некаква народност и самобитност, и уште помалку македонското залагање за афирмација на македонскиот јазик.
Во таа пригода пред големата публика Рацин го изнел ставот „факт е дека на нашето знаме е запишано името Македонија“, кој целосно го урива и денешниот „Преспански договор“. Околу таа „дилема“ на Вулиќ Рацин има кажано: „За мене е важно дека оваа земја се викала Македонија … Народот почнува да станува национално свесен. Тогаш настапува времето кога тие историски имиња се извлекуваат од ризницата на историјата. Кај Македонците постоело сознание дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име… Во тој поглед на знамето на својата национална преродба го испишале своето македонско име. … Факт е дека на нашето знаме е запишано името Македонија. …“
Кочо Рацин или целосно Koста Апостолов Солев Рацин (Велес, 22 декември 1908 — Лопушник, 13 јуни 1943) е македонски книжевник и комунист, најпознат по својата поезија. Се смета како еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза. Напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и книжевната критика. Во 1924 година Рацин станува член на СКЈ и набрзо се истакнува како еден од најнадежните млади кадри на Комунистичката партија на Југославија во Македонија. Во 1926 година станува и член на Месниот комитет на СКОЈ за Велес. Во 1939 година ја објавува својата стихозбирка „Бели мугри“. Во меѓувреме пишува и објавува неколку статии и трудови од областа на литературната критика, филозофијата и историјата, што ќе направат од него најпознат македонски интелектуалец и напреден мислител на просторите на Кралството Југославија.
При нападот врз Југославија од Силите на Оската, Рацин се јавува на мобилизацијата и е испратен на кумановскиот фронт, на месноста Страцин, каде што веќе на 7 април е заробен од страна на Германците. Сепак, набрзо успева да побегне и, откако кратко време живее во Велес, заминува за Софија. Во септември 1941 година Рацин се враќа во Македонија. Во септември 1942 година Рацин е уапсен во Скопје од бугарската полиција и во ноември е интерниран во селото Корница, Неврокопско. Во април 1943 година на Рацин му успева да побегне и да се врати во Скопје. На 5 мај 1943 година Рацин тргнува од Скопје во партизани, со група од осуммина. По пристигнувањето во одредот „Кораб” станува уредник на партизанскиот весник „Илинденски пат” и подготвува две збирки на македонски народноослободителни песни. На 13 јуни е ликвидиран.
Извори: Википедија, „Кичево.мк“, „Скопско ехо“, „Нова Македонија“ „Велес.gov.mk“





