Теодосиевски: Ахмети се заканува со дестабилизација, но тој и бандитите од ДУИ и СДСМ нема да ја сопрат промената на РМ, што ја разурнаа!

„Некогашната здружена бандитско-коруптивна коалиција и натаму е цврста во обидите сите сопствени погрешни политики кукавички да ги подметнува во другиот табор. Притоа арогантно нагласуваат некакви ‘судбински теми и проблеми’ околу законот за јазиците и Охридскиот договор и отворено се закануваат со дестабилизација и слично. Со проѕирни и презадоцнети повици за некаква заедничка, натпартиска стратегија за долгорочен развој тие постојано го пренасочуваат вниманието на јавноста од катастрофалните откритија за нивното практикување на власта. Но наспроти обидите за дестабилизација на земјата, позицијата на државата Македонија полека, но сигурно се менува во меѓународни рамки и таа покажува дека сепак не е само безимена територија, на која постои и живее и народ без историја, јазик и култура.“ – нагласува општествено-политичкиот аналитичар и историчар на уметноста Златко Теодосиевски во својата колумна со наслов „Два светогледа“, објавена на интернет-страницата „Теодосиевски: за уметноста“.



Покрај другото, Теодосиевски пишува: Македонија во континуитет од неколку години, а особено последниве месеци по изборите и целосната политичка хаварија на поранешната коалиција, се соочува со крајно противречни процеси во внатрешната и меѓународната политика. Едни планирано, смислено се стремат да ги попречат да ги приоритетните цели: ослободување на општеството од криминално-коруптивните пранги на поранешната  власт, а други се стремат да ги започнат неопходните реформски зафати и суштински поинаку да ги насочат македонските евроинтегративни текови.

Со веќе препознатливи акции, речник и крајни намери дејствуваат сили, кои се обидуваат да ја одржат во живот користољубивата политика како нивен единствен начин на живеење. Некогашната здружена бандитско-коруптивна коалиција и натаму е цврста во обидите сите сопствени погрешни политики кукавички да ги подметнуваат во другиот табор. Притоа арогантно нагласуваат некакви „судбински теми и проблеми“ околу законот за јазиците и Охридскиот договор и отворено се закануваат со дестабилизација и слично. Со проѕирни и презадоцнети повици за некаква заедничка, натпартиска стратегија за долгорочен развој тие постојано го пренасочуваат вниманието на јавноста од катастрофалните откритија за нивното практикување на власта што полека излегуваат на површината. И од последиците од тоа практикување на власта, што ќе мораат да им се случат, кои ги очекува јавноста…

Таквата „стратегија на кукавицата“, и понатаму рекламирана од нивните интелектуални приколки, не поминува во јавноста. Како што не помина ни кај „стратегискиот партнер“, кој со ставањето на двајца вицепремиери Анѓушев и Груби од таа бандитска спрега на „црната листа“, отворено ја делегитимираше таа коалиција.

Она што дополнително загрижува е целосното отсуство на срам, морал и политичка с(о)вест за државата во урнатини, што ја оставија зад себе – едно целосно корумпирано, криминализирано, политизирано и партизирано општеством спрострено врз мрачни лично-групни профитерски заговори и страотно недемократски меѓупартиски договори. А тие сега доаѓаат на наплата.

Сега има два последни целосно спротивставени примера: отворената закана на претседателот на дуи (малите букви се … знаете веќе што) и говорот на претседателката на државата во Собранието го отсликуваат целосно различниот светоглед, со којшто се соочува државата. Се случува агресија и говор со отворени закани наспроти речникот на националното, европското и меѓународното право како единствено прифатливо политичко оружје.

Ние и денес, во третата деценија на дваесет и првиот век слушаме за „аги“ и „слуги“, за урагани и торнада, што можат да збришат не само народи/нации, туку ги поништуваат и елементите на основниот кодекс на денешните напредни демократии. Но, ако го нема законот, тогаш по волјата на една врхушка повторно ќе запре животот во државава, повторно ќе се активираат силите на Злото, ќе се пука и ќе се убива небаре се води војна за завладување на светот … Но, за која и каква „кауза“?

Претседателката на државата говори за градењето стандардна европска држава со демократски политички систем, ги нагласува слободата, правото и правдата како нејзина идеологија, смета дека одбраната на државниот и националниот интерес е соодветен политички мотив, а добрата волја заснована на аргументи е исполнителен политички инструмент во внатрешната политика. А за што се залагаат другите гласови? На пример оној, кој нуди само урагани и торнада?

Но наспроти обидите за дестабилизација на земјата, позицијата на државата Македонија  полека но сигурно се менува во меѓународни рамки и таа покажува дека сепак не е само безимена територија, на која постои и живее и народ без историја, јазик и култура. Силата  на аргументите може да се спротивстави на силата на големината, но дали тоа им одговара на оние, кои се фалеа дека се заевропски и напредни, а се покажаа само како ситни криминалци и локални трговци? Дали е ова, покрај губењето на неограничената власт, главната причина за нивниот силно најавуван „смртоносен танц“?