„Повеќе не е тајна дека има проблеми во коалицијата Вреди. По случувањата во последните две седмици, добро упатени извори велат дека раководствата на Демократското Движење, Движење Беса и Алтернатива оценуваат оти нема повеќе место за Таравари и АА во коалицијата Вреди. Според овие извори, има предлози Вреди да донесе одлука АА да си замине од коалицијата и да му се предложи на премиерот да ја отстрани АА на Таравари од Владата. Се очекува сето ова да се потврди во следните 10 дена.“ – објави ТВ 21.
Телевизијата натаму истакнува: АА на Таравари за утре закажа состанок на своето Собрание со почеток во 13 часот во Гостивар. Вратите ќе бидат затворени за јавноста. Неодамна Таравари истакна дека не се согласува околу претставувањето на коалицискиот формат за локалните избори. За разлика од другите партии во Вреди Таравари оценува дека на изборите сите четири партии од коалицијата треба да излезат со посебни листи за општински советници. Во понеделник, 7 април, Таравари ќе гостува во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, кога се очекува да се дознаат деталите за одлуките.
Претседателот на Албанија Бајрам Бегај, во четвртокот, на 3 април, на пат за Софија, Бугарија, каде што присуствуваше на форумот „Балкански форум 3 процес Акаба“, застана во Скопје и се сретна со лидерот на Демократското движење Изет Меџити, со претседателот на Собранието Африм Гаши и вицепремиерот Арбен Фетаи. При враќањето за Албанија Бегај повторно застана во Скопје, каде што се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари.
По несогласувањата во коалицијата Вреди на 28 март лидерите на партиите отидоа на ифтар кај премиерот на Косово Албин Курти, каде што побарале отчет од Таравари поради што и за што точно се сретнал со Али Ахмети. Извори во ДУИ потврдуваат дека со Таравари има разговори за многу теми, меѓу кои и за локалните избори, за кои Таравари истакнал дека е заинтересиран за општините Гостивар, Боговиње, Врапчиште, Сарај, но и Струга. Извори потврдуваат дека со Таравари се разговарало и за „црвените линии“ во однос на албанскиот јазик. И покрај разговорите, извори од ДУИ велат дека нема конкретен договор, како што додаваат „со Таравари никогаш не се знае до крај“.
Во јавноста се шпекулира дека Вреди се обидува да најде и канали за комуникација со АА на Зијадин Села. Не се знае дали има посериозни разговори меѓу структурите на Вреди и партијата на Села. Во текот на наредната седмица се очекуваат повеќе информации во оваа насока.





