ТВ Алсат: Шумската и граничната полиција удрија во Кичевско врз дрвната мафија, која печали милиони евра од незаконската сеча

„Шумската и граничната полиција синоќа удрија во Кичевско врз уште еден синџир на дрвната мафија, која заработува милиони евра годишно од незаконската сеча на дрва во Македонија. Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека шумската и граничната полиција деновиве ги зајакнале контролите.“објави ТВ Алсат.



ТВ Алсат пишува: „Во заедничка акција на шумската полиција во Кичево заедно со граничната полиција во село Коларе е запленет камион со огревно дрво од државните шуми без транспортни документи. До надлежните институции се поднесени соодветни пријави за сторителите. Камионот со кој се превезувале дрвата е одземен и е сместен во Полициската станица во Зајас.“ – велат од Државниот инспекторат за животна средина.

Инспекторатот најавува засилени активности и во иднина, нагласувајќи дека ќе сторат се, во соработка со Министерството за внатрешни работи, шумската полиција и Македонски шуми, да спречи нелегалната трговија со дрва и нивното сечење.  Нелегалната сеча во Македонија продолжува да цути со години. Според некои анализи, немањето парно греење и гасификација во земјава и синџирот на понуда и побарувачка на огревно дрво се дел од чинителите, кои влијаат врз зголемувањето на дивата сеча. Причината зошто овој бизнис напредува е продажбата во големи количини, поради ниската цена на нелегално исечените дрва во однос на легалните. Се верува дека дрвната мафија заработува милиони евра годишно од нелегална сеча.