Таравари тврди дека не е чамец за спасување на Али Ахмети

Арбен Таравари кој е лидер на едното крило на Алијансата за Албанците и министер за здравство, реагираше преку Фејсбук во врска со политички случувања во кој тој е обвинет дека ги спасува Али Ахмети и ДУИ.



Таравари вели дека партија ја сфаќа судбината на луѓето посериозно отколку другите и става до знаење дека неговата партија не презема никакви потези за задоволство или гнев на никого.

„Изјавуваме дека ја гледаме судбината на овој народ посериозно отколку само конкретни имиња и дека сме ослободени од нивните комплекси, кои се трансформирале во Едипов комплекс. Ние не правиме никакви потези за ничие задоволство или лутина!

Дури и оние што даваат пророштва во наше име, како Баба Ванѓа, треба да се занимаваат со пообјективни работи отколку со „предвидување на иднината“.

Ние не сме ниту такси што нè користат за превоз, а потоа ни ги одземаат клучевите, ниту чамец за спасување за имиња и презимиња. Ние сме Алијансата за Албанците, работиме само во интерес на народот“, се вели во реакцијата на Таравари.

За денеска е најавена средба меѓу Таравари и премиерот Христијан Мицкоски.

На средбата се очекува премиерот да побара дециден одговор во која насока оди коалицискиот партнер АА.

За Мицкоски е неприфатливо ако Таравари одлучи да влезе во коалициони договори со ДУИ.