„Предлог законот за правична застапеност прво ќе се најде на усогласување пред тројцата коалициони партнери во Владата ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВРЕДИ и партијата ЗНАМ, па потоа ќе го изнесеме во јавноста.“ – изјави министерот за здравство Арбен Таравари, откако уште пред една недела посочи дека законот е подготвен, иако наспроти неговата изјава, вчера премиерот Мицкоски напомна дека законското решение не е готово. Ова го објави ТВ 21.
ТВ 21 пишува: „Предлог закон од наша страна има. Меѓутоа, ние во владата сме коалиција од три коалиции: ЗНАМ, ВМРО ДПМНЕ со сите партии и ние, како Вреди. Сега треба да седнеме и да се синхронизираме меѓу нас, да направиме заеднички производ и тоа да го изнесеме во јавноста, за јавна расправа и во парламентот. За тоа ќе ангажираме повторно експерти, кои што имаат чувство за оваа работа“ – вели Арбен Таравари.
Таравари ги отфрла критиките од претседателот на СДСМ Венко Филипче дека овој закон се прави на нетранспарентен начин, или како што рече Филипче, „во партискиот штаб на ВРЕДИ“. Таравари нагласува дека овој закон барем не се донесува според скратена постапка. „За разлика од минатиот период, кога законите набрзина поминуваа, сега нема да помине така. Ние подготвивме нешто, сега ќе седнеме, за да се координира владиното мнозинство и потоа ќе отвориме јавна расправа. Нормално тоа ќе биде достапно до сите, до медиумите и до јавноста и не планираме тоа да го поминеме за една недела – две. Меѓутоа во разумен период секако ќе отвориме јавна расправа.“ – кажа Арбен Таравари.
Сепак, се уште не е познато што ќе содржи предлог-законското решение, односно на кој начин ќе се обезбедува правичната застапеност. За ова не сакаше да зборува ниту Таравари, кој рече дека најпрво тоа ќе се усогласува на маса со сите владини коалиционери, а потоа ќе излезе во јавност. Единствено има изјавено дека со новиот закон ќе се гарантира не само етничка, туку и полова застапеност, како и застапеност и на други категории граѓани во институциите.





