Таравари почна да објавува „бомби“ за ДУИ

По примерот на СДСМ и неговата кампања „Вистината за Македонија“, гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари денеска почна со објавување „бомби“ под мотото „Вистината за ДУИ“.



„Има полно скандали, почнувајќи од полицијата, образованието, областа на урбанизмот, работата на општинската администрација и така натаму. Неколку внатрешни ревизии веќе се завршени, некои се во тек, а со ревизии ќе се продолжи сè додека не се открие и последната злоупотреба. Денес, пред вас ќе го обелоденам случајот со кафетеријата кај ЈПССО „Ринија“ („Младост“ – н.з.) – Гостивар. Овој локал му е изнајмен на лицето Гази Фејзи за надоместок од само 5.000 денари месечно и тоа за период од 20 години. А најскандалозен е фактот што оваа кафетерија го блокира влезот на спортската сала, каде што се одржуваат натпревари во Првата кошаркарска лига и се собираат повеќе од 2.000 гледачи, на кои им се загрозува безбедноста. Втора работа, истата кафеана користи електрична енергија и вода од спортската сала, значи тоа го плаќаат граѓаните на Гостивар“, истакна Таравари на денешната прес-конференција, додавајќи дека со средства на Јавното претпријатие ѝ се исплатени некои даноци и давачки на кафетеријата.

Тој информира и дека ќе разговара со новиот директор на спортската сала во обид да го раскине договорот со менаџерот на кафетеријата.

Нагласувајќи дека со блокираниот предлог-буџет од мнозинството во општинскиот Совет што го предводат ДУИ и СДСМ за годинава се предвидени над 14.000 евра помалку за градоначалникот отколку што потрошил Бејта лани, Таравари најави дека еднаш неделно ќе излегува со нови случаи на злоупотреба во општината.