Таравари како кандидат за „албански претседател“: Албанија и Косово влијаат врз Р*М, секогаш сме се консултирале со нив!

„Албанија и Косово несомнено имаат влијание во Македонија. Во политиките, кои ги спроведуваме, секогаш сме се консултирале со Приштина и Тирана. Постои еден однос, кој е незаменлив. Треба да бидете во координација за некои работи. Не е дека Еди Рама нам ни помогна повеќе на индиректни начини, тој секогаш го поддржуваше и Али Ахмети на локалните избори.“ –  изјави Арбен Таравари, градоначалникот на Гостивар и кандидат на албанската опозиција за „албански претседател на * Македонија“, во интервјуто во рамки на емисијата „Интерактив“ на приштинската телевизија „КТВ – Кохавизија“, емитувано вечерта на 20 февруари 2024 година. Ставовите на Таравари во тоа интервју ги пренесоа информативната агенција „Журнал“ и други медиуми на албански јазик во Македонија и во Балканот



„Журнал“ пишува: „Таравари, кандидатот за иден претседател на * Македонија, укажа на поддршката, што ја добива и од Курти, премиер на Косово и лидер на тамошната владејачка партија Ветендосје (Самоопределување). “Курти се развива во модел на премиер во регионот. Несомнено, тој има неоспорен авторитет во Македонија. Ќе биде среќа да имаме колку е можно повеќе личности како Курти во регионот. Тој е вдахновение за младите, кои гледаат некаква надеж.“ – посочи Таравари.

Неговата изјава е директно и отворено признание за непрестајното мешање и влијаење на албанските официјални политички чинители  од Албанија и Косово во внатрешните работи на Македонија и во политичките активностите на албанските партии и од опозицијата и од позицијата. Таравари сосема јасно става до знаење дека од Тирана и од Приштина, а особено од „Курти-моделот на премиер за сиот Балкан“, ќе очекува натамошни „совети и насоки“ што да прават и за парламентарните и претседателските избори во Македонија на 8 мај, но уште повеќе и потоа околу  составувањето на идната Влада на Македонија.