Во песната на Владо Јаневски за Мавровската белина, за првите љубови, за младоста постои стих во кој за кусо е споменат највисокиот врв на Бистра. Меденица не е само највисоката точка на планинската убавица туку и една невидена чистотија под облаците каква што нема да видите во котлините, а ако никогаш не се решите за планинарска или барем излетничка авантура, нема ни да знаете дека постои, па и дека е тука близу до нас, на само 100 километри од Скопје, на планината Бистра.



Меденица се наоѓа во нејзиниот западен дел, над селото Галичник. Изграден е од тријаски варовници, како и целиот највисок дел од планината. Врвот е остар, а од неговата источна страна се протегаат неколку мали цирка и карстни полиња, но и езерца. До врвот најлесно се доаѓа преку преминот Церовец.

Од 15. врвови на Бистра кои се повисоки од 2000 метри, Меденица е највисокиот со точно 2163 метри, но и најспектакуларниот за престој, слика, селфи, за уживање.