Германецот Александар Стуџински е победник на 31. Охридски олимписки маратон.Тој за 5 часа, 15 мин и 14 секунди ја исплива 30 километарската ,,Климе Савин” од Св.Наум до градското пристаниште. За секунда побавно на финишот доплива и нашиот маратонец Евгениј Поп Ацев. За трофејот рамо до рамо се до финишот неуморно се бореа петмина учесници меѓу кои и нашиот Поп Ацев победник на маратонот во 2015 година.
„Не очекував дека ќе победам затоа што минатата година имав повреда на рамото, но се обидов и на моја среќа успеав прв да стигнам до целта иако беше навистина тешко“, вели Александар Стуџински.
„Задоволен сум од второто место затоа што Стуџински имаше повеќе сила и енергија и победи. Му честитам“, вели Евгениј Поп Ацев.
Неизвесна, а во исто време и атрактивна беше битката и кај петте девојки, а на пиедесталот се искачи Италијанката Барбара Позобон со извонредно време од 5 часа, 15 минути и 51 секунда.
„Ова за мене е голем успех многу сум задоволна и среќна, тешко беше поради конкуренцијата инаку водата беше одлична“, вели Барбара Позобон.
На трката од Св.Наум до градското пристаниште денеска езерото го брануваа 22 пливачи, 17 од машка и 5 од женска конкуренција.





