Стоиљковиќ контра злоупотреба и монополизација на Рамковниот Договор

Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ на денешното одбележување на Охридскиот рамковен договор меѓу редови упати порака до ДУИ дека веќе нема да дозволи монополизација на мировниот договор.



Стоиљковиќ вели дека договорот не трпи импровизации и индиректно најавува дека од него во иднина корист ќе имаат и турската, ромската, српската, бошњачката, влашката и сите други граѓани.

,,Денеска одбележуваме 23 години од Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конфликт во 2001 година. Со договорот се поставија темелите за уставни и законодавни измени со што се гарантираат правата на помалку бројните етнички заедници во Македонија. Потпишан во критичен момент од македонската историја, овој договор не само што стави крај на конфликтот, туку го отвори патот за поинклузивно и подемократско општество. Охридскиот рамковен договор во Македонија ја симболизира колективната определба за дијалог, меѓусебно почитување и мирно решавање на разликите. Договорот ја зајакна решеноста во државата да се поддржуваат принципите на еднаквост и недискриминација со што се поставија највисоките стандарди за правата на заедниците. Симболизмот на Рамковниот договор не смееме да дозволиме да биде монополизиран за политички цели, и од договорот да се прават политички интерпретации или импровизации во толкувањето на неговото значење и важност. Како држава треба сите континуирано и посветено да работиме за целосно интегрирано и просперитетно општество. Тоа ќе го постигнеме преку единство, прифаќање на различностите и работејќи заедно кон иднината во која секој граѓанин од секоја етничка заедница во Македонија ќе има можност да напредува”, порачува Стоиљковиќ користејќи ги хаштазите #ramkovendogovor и #македонија🇲🇰