Божиќно послание од Господин Стефан, Архиепископот Охридски и Македонски на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија
Покрај другото, во неговото Божиќно послание се истакнува:
Возљубени чеда на Македонската Православна Црква:
Денес го празнуваме Рождеството на Синот Божји. Но од секого од нас зависи дали Тој ќе се роди и во нас, дали ќе се всели во нашите срца и души, дали ќе живееме со радоста од спасоносниот настан во Витлеем и со одговорноста, којашто Христовото рождество ја носи со себе.
Сите ние како личности, како Црква и како народ, да бидеме благодарни за сите наши дарби, бивајќи свесни дека сè што имаме е од Него, од Господа. Да се почитуваме меѓусебно со даровите, коишто Светиот Дух штедро ги излева врз секого, за изградување на единство во Црквата Христова.
Треба да живееме според поуката на апостолот кој поучува: Љубете се едни со други срдечно, со братска љубов; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг. Чувајќи го единството на Духот преку врските на мирот, да се трудиме да имаме мир во себе, мир во својот дом, мир со луѓето и мир меѓу народите.
Бидувајќи крстени во името Христово, можеме да ја следиме ѕвездата на нашата совест, којашто нè води до Христа, та Нему да Му ги принесуваме нашите лични дарови. Правејќи го ова, се ослободуваме од духовната поробеност, со што ни се покажува друг пат, патот на Евангелието, патот на вистинската слобода во радосната заедница на Неговото вечно Царство.
Со овие пораки ви го честитаме празникот на Христовото рождество на сите чеда на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија во Татковината и насекаде по светот, поздравувајќи ве со радосниот поздрав:
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Честито и од Бога благословено новото 2025-то лето Господово!
† СТЕФАН, АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ, заедно со членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија
† ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† ЈОВАН, Митрополит Крушевско-демирхисарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско-гостиварски
† ГРИГОРИЈ, Митрополит Кумановско-осоговски
† ЈОАКИМ, Епископ Дељадровско-илинденски
† МАРКО, Епископ Делчевско-каменички





