Стерјовски ќе „трча“ за нов пратенички мандат во Албанија

Васил Стерјовски, претседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, ќе се обиде да освои нов пратенички мандат како дел од отворената листа на Социјалистичката партија во изборната единица Корча на претстојните парламентарни избори во Албанија.



Таков договор е постигнат денеска со партијата на премиерот Еди Рама, потврди за Маскедонската информативна агенција потпретседателот на МАЕИ, Ендрит Фетаху.

Стерјовски го наследи македонскиот активист Едмонд Темелко на чело на партијата во 2019 година, а пратеник беше во претходниот парламентарен состав како прв што јавно се декларираше како Македонец. На една од пленарните седници тој до пратениците се обрати на македонски јазик, што беше историско достигнување за Македонците во Албанија.

Претставувајќи ја кандидатската листа за оваа изборна единица, Нико Пелеши, координатор на пратеничката група на социјалистите и поранешен министер за одбрана, го опиша Стерјовски како „образован и вреден млад човек, поранешен пратеник, докажан како политичар и педагог“. Со МАЕИ, рече тој, имале добра соработка, па „заедно ќе работат за доброто на Македонците во Преспа, Голо Брдо и Гора и за целата прекрасна македонска заедница во Албанија“.