Старите цефки во Центар, проблем за прекинот со парното греење во некои делови на Скопје

Граѓаните на Центар и делови од Аеродром неколку дена имаат проблем со парното греење. Причина – санирање на водоводната мрежа. Проблемот сега е нормализиран, но не и решен, велат од ЕСМ за МРТ1. Според нив, се работи за стари цефки кои не биле обновени со години. Откако ќе заврши грејната сезона, од ЕСМ рекоа дека ќе се направи целосна модернизација, со цел во иднина да нема вакви проблеми. Граѓаните велат дека сега парно имаат, некаде послабо, но проблемот привремено бил надминат.



Од ЕСМ велат дека дефектот на водоводната мрежа, која пред неколку дена ги остави речиси сите општини во Скопје без греење сега е саниран.

Според нив, причината за честите дефекти е застарената топлификациска мрежа од 60-тите години на минатиот век.

  • Се работеше за сериозни и сложени активности за санација на дефектот. При полнењето на системот и зголемувањето на притисокот се појавија нови пукнатини на цевководите, што ја пролонгираше нормализацијата. Бидејќи се работеше за сериозни и исклучително сложени активности за санирање и отстранување на дефектот на магистралниот вод А во општина Центар, во следниот период будно ќе ја следиме состојбата на оваа чувствителна делница од топлификацискиот систем“, соопштија од ЕСМ.

Пред само неколку дена, речиси сите општини во Скопје останаа без греење откако беше пријавен дефект, големо истекување на вода од системот. Од ЕСМ уште тогаш истакнаа дека проблемот настанал кај мрежата, но рекоа дека се работи на негово санирање и нормализирање на состојбата. Како најново, информираа дека интервенцијата била завршена и во тек се активности за повторно полнење на топловодите, по што ќе има стабилно и непрекинато снабдување за сите потрошувачи.