Утре е меѓународниот ден на трудот. Сојузот на синдикатите на Македонија излегува на протест за повисоки плати. Но, Конфедерацијата на слободни синдикати нема да се придружи, оти верува дека предизвиците може да се решат само со социјален дијалог.
- „ССМ на 1 Мај излегува на протест да демонстрира, да бара зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, да бара зголемување на сите останати плати за 100 евра, да бара почитување на колективните договори, зголемување на платите на вработените согласно придобивките од истите“, порача на прес-конференција претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
На протестот ќе се приклучат и други синдикати кои застануваат на страната на работнички права.

Едни на протест за први мај, а други синдикати со конференција за развивање на социјалниот дијалог за работничките права. Денот на трудот ќе биде одбележан со поделени ставови. Сојузот на синдикати најави марш на кој ќе бара повисоки плати и почитување на колективните договори.
Со барање за минималец од 500 евра и раст на останатите плати за 100 евра, ССМ во 11 часот излегува на улица. Од ССМ велат дека остануваат да ги бранат работничките права.
Првиот човек на КСС рече дека нема да излезат на протест за 1. мај, оти тоа било обична парада.
- „Каде го гледаме добриот социјален дијалог? И без репрезентативни синдикати, на ниво на граѓански синдикати, разговаравме повторно со Владата и имаше подготвеност од нејзина страна на 1 мај да почне повторно и поголемо зголемување на платите во јавниот сектор. Но, сега ќе ги прашате оние што излегуваат утре на протест зошто одбиваат да се согласат и зошто вработените во министерствата, агенциите и управите нема да земат зголемување на платите од 1 мај“, кажа Ралповски.
Економистите сметаат дека легитимно право е дали ќе се протестира на улица, или битката ќе се води на друг начин.
Во моментов, платите на македонскиот работник се најниски во регионот. Токму затоа, ССМ ги повикува сите кои сакаат подобри услови за работа. Први мај, познат и како Меѓународниот ден на трудот е празник кој се одбележува ширум светот, во чест на борбата на работниците за добивање на основните работнички права. Во многу земји, овој ден е и национален празник.





