Средба Муртезани-Филипиду: „Разговарано е за важноста постојано да се спроведува Преспанскиот договор од двете страни“

„Утрово со грчката амбасадорка Софија Филипиду имавме навистина одличен разговор за заедничкиот пат, кој го насочуваме кон развојот како НАТО-сојузници и европски партнери. Стабилноста и просперитетот на целиот регион е важна за сите и тоа нас нè врзува, со заеднички интерес целиот регион да напредува и да се интегрира во Европската Унија. Амбасадорката Филипиду потврди дека Грција е и ќе продолжи да биде наш глас ЗА во ЕУ.“ – објави на својот официјален фејсбук-профил Орхан Муртезани, министерот за европски прашања во Владата на Република Македонија

Инаку, министерот Муртезани разговараше со грчката амбасадорка Филипиду за повеќе аспекти од билатералните односи и актуелните политички состојби во регионот. Нагласка во разговорите беше ставена на Планот за раст на Европската комисија за Западниот Балкан, како и на реформската агенда, а кои се важни за поттикнување на реформите и економскиот развој на земјата. „Соговорниците разговараа и за важноста на постојаното спроведување на Преспанскиот договор од од двете страни.“ – беше соопштено.

Муртезани истакна дека „* Македонија посветено работи на зајакнување на односите со Грција како НАТО-сојузници и европски партнери“. Тој го истакна значењето на добрососедските односи во пресрет на стабилноста и напредокот на регионот, додавајќи дека земјата останува посветена на европскиот пат. Муртезани ја истакна важноста на поддршката на Грција за нашите евроинтеграции, изразувајќи надеж дека двете страни ќе продолжат активно да работат во остварувањето на целта – членство во Европската Унија.

Амбасадорката Филипиду ја реафирмира поддршката за евроинтегративните напори на земјата, нагласувајќи го значењето на билатералната соработка во разни области, особено економските, како и регионалните иницијативи.

Муртезани и Филипиду се согласија дека продлабочувањето на билатералната соработка со програмите на Европската Унија, кои нудат голем потенцијал за засилување на таа соработка, поврзани со европската интеграција во рамките на TAIEX и „Твининг 3“, како и програмите INTERREG – IPA CBC, транснационалната програма INTERREG Балкан – Медитеран е од суштинска важност за двете земји така и за регионот.