Србија и Република Српска усвоија нацрт Декларација за заштита на националните и политичките права

На заедничката седница на владите на Србија и Република Српска (РС), едногласно е усвоена нацрт Декларација за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на српскиот народ, пренесуваат српските медиуми.



Како што пренесуваат медиумите собранијата на Србија и на РС треба да ја усвојат декларацијата во следните 90 дена.

Освен тоа, владите на Србија и на РС ја усвоија одлуката за итна подготовка на конкурс за идејни решенија за изградба на меморијални центри за одбележување на местата на страдање во Долна Градина и во Белград.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србија и РС никогаш не го прекршиле договорот постигнат пред 10 години, дека без оглед на различните мислења, односите меѓу Србија и РС никогаш не смеат да трпат.

Според него, во декларацијата се говори за Косово, за почитување на резолуцијата 1244, но и за дијалогот и почитувањето на договорите.

Додаде дека српскиот национален интерес е економијата, без која „нема ниту зачувување на кирилицата, ниту зачувување на јазикот“.

Српскиот претседател истакна дека Србија никогаш нема да ја остави РС на цедило, и дека проблемите во Босна и Херцеговина мора да се решаваат во согласност со Дејтонскиот договор.