Виното има долга и богата историја илјадници години наназад. Првите археолошки докази за неговото постоење потекнуваат од пред 8000 години од Грузија, а во Европа за првпат е забележано пред 4500 год. Виното било често користено и споменувано кај старите Грци и Римјаните во религиозни и медицински цели, како и во секојдневниот социјален живот. Неговата примена во медицината потекнува уште од времето на Хипократ, кој го користел како антисептик, седатив, во подобрување на работата на дигестивниот систем и како дел од секојдневниот начин на здрава исхрана.

Во 1993 год. докажано е постоењето на специфични компоненти во виното, полифеноли (ресвератол и процианиди) кои имаат улога на антиоксиданси и ја инхибираат оксидацијата на „лошиот“ ЛДЛ холестерол. Значаен бенефит е докажаниот механизам за константно покачување на „добриот“ HDL холестерол во крвта како резултат на зголемената синтеза во хепарот.
Секојдневното конзумирање на црвено вино во умерена количина има заштитна улога во организмот. Тоа е таканаречена ј-форма на ефектот на црвеното вино во умерени количини, спротивно на апстиненцијата и алкохолната злоупотреба.
Црвеното вино има поголема заштитна улога од белото вино и пивото.

Сепак, до сега не се направени многу долгорочни студии кои со сигурност би ги потврдиле или негирале предностите на црвеното вино во однос на другиот вид алкохол. Предноста на конзументите на вино е нивниот подобар стил на живот со најчесто користење на лесна и здрава храна (овошје, зеленчук, фибрати), помалиот процент на пушачи и подобри социо-економски услови.





