Се водат преговори со турската компанија Казанџи Холдинг за изградба на когенеративни централи во Македонија. Целта е да се реши проблемот со загадување на воздухот, од една, а од друга страна да се отвори патот кон енергетска независност на Македонија. Планот е домаќинствата бесплатно да се приклучуваат на идните нови топловоди и на секундарната гасна мрежа, што ќе ја гради турската компанија„Казанчи Холдинг“.
- -Станува збор за когенеративни централи со 500MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво.
Токму „Казанчи Холдинг“ е компанијата со која разговараме за изградба на секундарна мрежа на гас и топловодна мрежа која ќе стига до домаќинствата по исклучително поволни услови.
Приклучоците на гасоводна и топловодна мрежа се предвидуваат на 0 денари за домаќинствата, а цената на природниот гас за домаќинствата ќе биде многу пониска од онаа цена која е на берзите.
Целиот проект, изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи е димензиониран на инвестиција од над една милијарда евра, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Инвестицијата е во вредност од над една милијарда, а во игра се две можности: Инвеститорот да ги изгради како целосно приватна инвестиција или да се оди по пат на јавно приватно партнерство каде и државата ќе има удел.
Инвестициите во ова поле, потенцира премиерот, се гаранција и зацврстување на нашата енергетска независност која во 21 век е всушност и зацврстување на сувереноста на државата во нејзиното одлучување и водење на политика.
– Разговараме за проекти кои се од темелно значење за животната средина, економијата, енергетската независност и стратешкото позиционирање на Македонија. Разговорите продолжуваат и сигурен сум дека за брзо време ќе се договориме и ќе има конкретни чекори во реализација на нивните планови. Само така работиме за иднината на сите граѓани, како премиер ќе дадам се од себе да се реализираат овие работи кои се од децениска и клучна важност за Македонија – рече премиерот Мицкоски.
Премиерот на денешната прес – конференција соопшти и дека е избран изведувач кој ќе го гради интерконекторот со Грција и треба изградбата да започне во март.





