Претставниците на босанските политички партии на Косово велат дека Бугарија преку одредени поединци од босанската заедница се обидува да создаде бугарска заедница, пишува Радио слободна Европа.
Во неколку случаи, во последните години, бугарските власти до косовските лидери доставија барање за официјално прифаќање на бугарската заедница на Косово.
„Н.Н. од околината на Призрен, припадничка на босанската заедница, вели дека пред неколку години потпишала „документ“ со кој потврдува дека некој од нејзиното семејство има бугарско потекло, за да ја искористи можноста да студира во Бугарија, пишува РСЕ.
„Тој документ го добив од наш човек од околното село“, вели соговорничка на Радио Слободна Европа, која сакаше да остане анонимна.
Нејзиниот целосен идентитет, како и местото на живеење во Косово и е познато на редакцијата на Радио Слободна Европа.
Таа вели дека се согласила да го потпише документот „однапред подготвен и запечатен“, со кој и е сменето потеклото, за да има корист од подобрите услови за студирање во Бугарија – земја членка на Европската Унија.
На прашањето дали е Бугарка, таа одговара:
„Се разбира дека не сум. Но, ако ова ми треба за да се запишам на факултет, зошто да не“?
Таа вели дека по потпишувањето на тој документ, во Бугарија била третирана како државјанка на оваа земја, односно имала право на стипендија и студентски дом. Таа веќе ги завршила студиите и се вратила во родниот град.





