Собранието на Република Македонија денес ќе расправа во врска со предлогот за приспособување и дополна на изборниот закон, по скратена постапка, претставен од претседателката и пратеничка на Либерално-демократската партија Моника Зајкова за воведување на една изборна единица.
Во образложението за измените на Предлог-законот, објавено на веб-страницата на Собранието, покрај другото, се наведува: „Воведување една изборна единица – со цел да се постигне еднаква вредност на гласот на сите граѓани, без оглед на географската распределба; воведување преференцијално гласање – со цел да им се овозможи на избирачите поголемо влијание врз изборот на поединечни кандидати на изборните листи и да се зголеми одговорноста на избраните претставници; поголема застапеност на помалите политички субјекти – преку правично претставување согласно реалната добиена поддршка на национално ниво; .. приближување кон меѓународните стандарди – преку спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и усогласување со добрите европски практики за изборни системи”.
Како што е образложено, предложените законски решенија ќе дадат придонес кон зголемено вклучување на граѓаните во изборниот процес, особено преку унапредување на можноста за учество на независни кандидати и граѓански иницијативи. „Воведувањето фиксен праг од илјада потписи за поднесување листа во рамки на изборната единица, како и продолжувањето на рокот за собирање потписи на 30 дена, ќе ги намали административните пречки и ќе создаде поправични услови за сите учесници, независно од политичка или финансиска моќ. Со тоа се стимулира политичкиот плурализам и се овозможува поширок спектар на избор за граѓаните.“ – се наведува во образложението.
Според предлог-законот за изменување и дополнување на изборниот закон, воведувањето пропорционален изборен модел со преференцијално гласање (за отворени листи), во рамки на една изборна единица, која ја опфаќа целата територија на Република Македонија, има за цел да ја зацврсти врската меѓу избраните претставници и граѓаните. „Со овој модел, гласачите не гласаат само за политичка листа, туку и директно го определуваат редоследот на кандидатите со давање преференцијални гласови, што овозможува поголема персонализација на политичката одговорност. Овие мерки заедно ќе придонесат за повисока демократичност, транспарентност и доверба во изборниот процес.“ – се укажува, исто така во образложението кон предложените измени.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави на 2 јуни 2025 година дека пратеничката група на ВМРО -ДПМНЕ ќе поддржи предлог за една изборна единица со право да гласа и дијаспората. „Јас и во парламентот дадов предлог да имаме една изборна единица со можност да гласа и дијаспората онаму каде што законите и Уставот на државите дозволуваат тоа да биде и надвор од дипломатско-конзуларните претставништва. Принципиелно, пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржат една изборна единица, во којашто право да гласа ќе има и дијаспората.“ – нагласи Мицкоски во таа изјава.
Тој напомна тогаш дека не гледа причина зошто ова да не се случи до следните парламентарни избори, ако се направат подготвки на дипломатско-конзуларните претставништва. „До следните парламентарни избори имаме неколку години, така што ако навреме ја фатиме работата можеме да ги подготвиме и дипломатско-конзуларните претставништва итн.“ – дополни премиерот Мицкоски на 2 јуни.
Демократскиот сојуз најави дека до Собранието ќе достави свои предлози за измени на изборниот закон, заради воведување на една изборна единица, во кој пратениците можат да го надополнат и со забелешките на ОБСЕ и ОДИХР. Поддршка за отворање широк дијалог околу измените на изборниот закон за една изборна единица дадоа и Партијата за движење на Турците и Демократската обнова на Македонија.
“Потребна е сеопфатна и јасна реформа, која ќе ја гарантира рамноправноста на сите граѓани, без разлика на бројноста на заедницата од која доаѓаат. Партијата за движење на Турците ќе продолжи да се залага за изборен систем. кој ќе ја одразува реалната мултиетничка структура на државата и ќе гарантира глас и претставеност на сите заедници во духот на вистинската демократија.” – посочи Партијата за движење на Турците преку соопштение.
Демократската обнова на Македонија соопшти дека ја поздравува иницијативата за воведување една изборна единица, но смета дека треба да биде проширена со воведување пропорционален изборен систем без праг, со отворени листи и со 50 отсто застапеност на жените на листите. “Ова е предлог, за кој сме убедени дека е клучот за поправедно претставување на граѓаните во Собранието.“ – порача оваа партија.
Пред пратениците во рамките на денешната пленарна седница на Собранието се и 18 други точки за разгледување.






