Снопче за А2 ЦНН од Албанија: Оваа Влада има извонредна поддршка и од меѓународниот чинител

Координаторот на пратеничката група на коалицијата Вреди Халил Снопче во изјава за медиумската мрежа А2 ЦНН од Албанија истакна дека новата влада има извонредна поддршка и од меѓународниот чинител. Тој рече дека оваа власт бескомпромисно се бори против корупцијата и организираниот криминал, што не беше случај во минатото. Ова го пренесе весникот на албански јазик „Лајм“.



Весникот објави: „Новата влада има извонредна поддршка. Меѓу ветувањата на новата влада три точки се клучни. Првата точка е продолжувањето на евроинтегративниот процес, бидејќи Македонија нема друга алтернатива освен да ги започне преговорите за членство. Втората точка е економското јакнење, економскиот развој, бидејќи тука имаме застој. Тоа го покажуваат економските параметри, но  и параметрите на релевантните инстанци, овластени за оваа работа. Третата можеби клучна точка, која нормално би подразбирала успешен резултат во реализацијата на првите два параметри, е бескомпромисната борба против корупцијата и организираниот криминал. Кажа и американската амбасадорка во Скопје Ангела Агелер дека имаме епидемија на корупцијата во Македонија. Кога амбасадор на најмоќната земја во светот го кажува ова, тогаш тоа значи дека сте болен, а кога сте болни мора да преземете мерки, за да избегнете ширење на оваа болест. Кога постои епидемија исто како и во времето на ковидот мерката е изолирање. Но државата Македонија не изолираше никого во претходниот период.“ – нагласи Снопче.

Меѓу другото, тој додаде дека државата во изминатиот период немала конкретни резултати во борбата против корупцијата и организираниот криминал. „И покрај повиците на нашите меѓународни пријатели, но и нашите повици, корупцијата и организираниот криминал се случуваа како последица и на нефункционалноста на судскиот систем, бидејќи многу предмети останаа во фиоки и не беа процесуирани.“ – посочи Халил Снопче,  координаторот на претеничката група на коалицијата Вреди во Собранието.