Двајца пациенти од селото Симница, Гостиварско, едниот на 50, а другиот на 24 годишна возраст, починале што создава паника меѓу жителите од местото, но и пошироко. На клиниката биле донесени со висока температура, дијареа и повраќање. Болеста брзо прогресирала и ги зафатила црниот дроб и бубрезите по што пациентите починале.
Жителите се сомневаат на неиправната вода во селото, а повеќе извори говорат дека станува збор за хеморалгична треска или туларемија. Лекарите смируваат и велат дека простор за паника нема бидејќи болеста тешко се пренесува од човек на човек.
“Не станува збор за болести кои имаат висок степен на контагиозност или трансмисивност помеѓу луѓето и не гледам причина за паника”, вели директорот на Инфективна клиника, Ѕвонко Миленковиќ.
Уште четири пациенти со исти симптоми, но со полесна клиничка слика од истиот регион се хоспитализирани на Инфективна и се изолирани во посебни простории.  Дел од нив се во крвно сродство.
“На нашата клиника немало ниту ќе има карантин, што подразбира изолација на лица кои биле во контакт со некого во одредени простори. Овие лица се предмет на изолација, а не карантин” рече денеска Миленковиќ.
Директорот на Инфективна вели дека сите механизми се мобилизирани за сузбивање на заразата, а екипи од центарот за јавно здравје се на терен вршат епидемиолошки истражувања, по што ќе утврдат дали има потреба од прогласување на епидемија.