На подножјето на планината Беласица, скриено од допир на сообраќајот, метежот и нечистотијата, на 650 метри надморска височина, до кои ве делат околу триста скалила и илјадници чекори, се наоѓаат прекрасните Смоларски водопади. Некогаш населеното село Смоларе сега е само споменик кој ја дополнува природната убавина. Патот нагоре е напорен, вистина, но ако бидете упорни на врвот ве очекува вистинска оаза! Смоларските водопади, студени како мраз, се вистински бисер на Струмица и источните краеви на Македонија.
Вкупната височина на вертикалниот отсек на Смоларскиот водопад изнесува 39,5 метри. Водопадот е тектонски предиспониран со раседна структура која лежи попречно на правецот на течењето на водата на Смоларска река. На дното од водопадот формиран е џиновски лонец, чија должина во правец на течењето на речната вода изнесува 5 метри, широчината е 11 метри, а длабочината се движи од 0,5 до 0,7 метри.



Смоларскиот водопад е единствен постојан водопад во Македонија со пад на водата од 39,5 метри.

Смоларе е како повеќето села во Македонија, мало село во кое живеат љубезни и гостопримливи луѓе. Но ова село има посебно богатство скриено во планината, Смоларски Водопад.

За да дојдете до водопадот, треба да патувате по тесен, кривулест пат и да ја намалите брзината бидејќи тракторите и запрежните возила се карактеристични за оваа област. Овде главното занимање е земјоделството.