Словачкиот премиер до ОН: Балканот повторно почнува да гори

Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, на средбата со генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш, предупреди дека „Балканот повторно почнува да гори“, па на некои земји од регионот мора да им се понуди иднина во Европска унија.



„Генералниот секретар и јас чувствуваме дека Балканот повторно почнува да гори. Важно е на некои земји од тој регион да им се понуди перспектива во Европска унија, бидејќи во спротивно во областа повторно ќе се засилува нервоза“, изјави Фицо за словачката агенција ТАСР.

Според него, на стариот континент му се потребни силни Обединети нации, бидејќи ЕУ не е доволно силна да се ангажира во некои кризи.

„ЕУ во суштина не е ни присутна во Украина. Немаме никакво влијание ни на случувањата во Сирија“, додаде тој.

Фицо му понуди словачка поддршка на Гутереш за конкретни проекти на ОН во Европа за миграциската криза. Генералниот секретар на ОН, пак, му ја претстави новата програма за помош на Либија и на Италија за мигрантите да се задржат надвор од европските граници, да им се помогне да се вратат во своите татковини и таму да им се подобрат условите за живот. Земјите од Вишеградската група ќе вложат 36 милиони евра во фонд за Либија, во соработка со Италија.