Славчо Ковачев, жестокиот борец за одделна држава Македонија и против великобугарскиот врховизам: Нашиот спас е само во нашите раце!

На денешен ден, на 4 декември 1921 година е формирана Македонската емигрантска федеративна организација (МЕФО),чиј главен идеолог и гласноговорник бил македонскиот револуционер и војвода Владислав Ковачев, жесток приврзаник на идејата за создавање одделна држава на македонскиот народ, но и борец против великобугарскиот врховизам и хегемонизам кон Македонија и македонскиот народ. Тој станува еден од раководителите на МЕФО. Главната идеја на федералистите била „создавање на Македонија во нејзините географски и економски граници, како самостојна политичка единица, како етапа за остварување на Балканска федерација“. Развивајќи ја идејата на МЕФО, Ковачев ги разработил и дефинирал термините: Македонци, Македонски народ, Македонско население, Македонска душа, Македонска борба.“ Како жесток приврзаник на идејата за создавање одделна држава на македонскиот народ Ковачев ќе истакне: “Ние треба еднаш засекогаш да разбереме дека нашиот спас е исклучително во нашите раце. Ослободувањето на Македонија е дело на сите нејзини синови без разлика на вера и националност. Од нашата силна волја, од нашата длабока верба во светла иднина, како и од нашата сплотеност и еднодушност во значителен степен зависи реализирањето на нашиот идеал – создавање на самостојна Македонија!“ Ковачев има кажано: „Пет минути од деноноќието ѝ посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека она, што досега сум го сторил за нea, не е ништо. Ја сакам Македонија повеќе од се друго на светот.“ Неговиот лик и дело не се спомнувани, тие се незнајни, неправедно заборавени и запоставени од македонската историска наука.  



Владислав (Славчо) Михаилов Ковачев роден на 5.1.1875 година во Штип, од револуционерното штипско семејство Ковачеви.Татко му Михаил Антонов Ковачев бил раководител на штипскиот Револуционерен комитет и учесник во Илинденското востание.  Истовремено бил учител во Штип, Скопје, Солун. Владислав Ковачев  како млад потпоручник  во 1895-та се вклучува во македонското револуционерно движење, односно како што подвлекол Павел Шатев: „Целосно му се предаде на македонското ослободително движење.”  Од 1899 до 1901 година бил секретар на Врховниот македонско-одрински комитет (ВМОК), на чие чело тогаш стоел Борис Сарафов. Владислав бил задолжен за организирање на револуционерните комитети во Македонија и Одринско.

Во тој период бугарската држава започнува да ги меша своите прсти во македонското ослободително дело. Наоѓајќи се во фокусот на идејните бранувања во раководството на ВМОК во Софија, Ковачев ќе се изјасни против врховизмот на бугарскиот генерал Цончев. Во 1902 година Владислав  Ковачев заминува за Македонија и во Горна Џумаја (денешен Благоевград, Пиринска Македонија) со својата чета води борби против врховистите заради спречување на  Џумајското востание, кое врховистите сакале предвреме да го кренат. Во наредниот период  Ковачев претстојува во Штипско, Светиниколско и Кочанско, каде се ангажирал во вооружувањето на населението и бил иницијатор на неколку покрупни вооружени акции.

Во почетокот на 1903-та, Владислав се наоѓа во Софија кога на седниците на ЦК на ТМОРО  се решавало за кревање на Илинденското востание.  Ковачев застанува на страната на Гоце Делчев и Ѓорче Петров и се произнесува против предвремено кревање на востанието, иако  во душата бил за востание. За време на востанието, Ковачев со својата чета дејствува во Штипско и Кочанско, во кои борби бил и ранет. За време на Илинденското востание се вклучува во борбените дејства во Кратовско заедно со четата на војводата Атанас Бабата.  По неуспехот на Илинденското востание, Ковачев краток период бил скопски војвода, а потоа на неколку години  ја напушта Македонија. Од  1904-1909 год. студира правни науки во Париз, а во 1911 година  докторира  во Брисел. 

Неговото враќање се совпаднало со почетокот на Балканските војни, во кои зема учество во редовите на бугарската армија, мислејќи дека се бори за слободата на Македонија, како и околу 100.000 Македонци, кои, борејќи се во грчката, српската и бугарската војска,  мислеле дека се борат за ослободување од Турците, а всушност се бореле за ново ропство, овој пат од новите “ослободители“. Подоцна, во Политичкото верују на Македонците, Ковачев  многу прецизно ги опишува погубните балкански војни за Македонија : „Царот Фердинанд  ја донесе на власт полтронската конзервативно-цанковистичка влада, која свесно и доброволно ја потпиша смртната пресуда на македонската независност со создавањето на таканаречена “спорна” и “неспорна” зона, со што во принцип почна поделбата на Македонија меѓу нејзините алчни соседи! Секоја од нив, со исклучок на Црна Гора, го очекуваше ветениот богат плен од распадот на Хамидовата Турција. Од тука произлегоа факторите, што го погребаа македонскиот идеал: единствена и целосна, слободна и независна Македонија!“.

По завршувањето на Балканските и Првата светска  војна, Ковачев во 1919 год. ја издава брошурата “Автономна Македонија“, во која јасно застанува зад идејата за автономна македонска држава. Во брошурата пишувана во предвечерието на Париската мировна конференција, Ковачев бара од бугарската власт “јасно и категоричко прифаќање на идејата за создавање на автономна Македонија како одделна,самостојна политичка единица во нејзините географски граници, под гаранција на Лигата на народите“.Притоа тој апелирал до бугарската влада и до бугарските политички партии да ги задолжат бугарските делегати на Париската мировна конференција да се застапуваат „за решавање на македонското прашање преку создавање самостојна Македонија“ Брошурата ја завршува со следната реченица: „Ако наспроти нашите очекувања, македонското прашање не биде решено, ние ќе најдеме сила и верба само во нашата еднодушност, за да ја продолжиме повторно борбата за извојување човечки правдини, какви што може да ни ги гарантира само една самостојна Македонија“.

Веднаш по донесувањето на решенијата на Париската мировна конференција, Ковачев меѓу првите најостро ќе протестира против “големата неправда што беше направена кон нас Македонците“ .Особена активност тој ќе пројави во консолидирањето и обединувањето на македонските емигрантски и бегалски маси и македонските револуционерни сили во Бугарија, посебно кога ќе почне да се врши силен идеолошки и пропаганден притисок од страна на Извршниот комитет на македонските братства во Бугарија. Како искусен револуционер Владислав Ковачев со воодушевување ја прифатил политичката платформа  на ВМРО -Обединета на Димо Хаџи Димов, изложена со Мајскиот манифест од 1924 год., во кој главната цел била “Обединување на македонските сили во единствен револуционерен фронт за ослободување и обединување на независна и самостојна Македонија во нејзините природни, географски и етнографски граници“.

И во последните писма од 2 септември 1924 година, испратени до весникот “Независна Македонија“ само неколку денови пред неговата смрт, Владислав останува доследен на својот идеал, како што нагласил во писмата“: Да ја видиме побргу нашата Татковина слободна и независна“. Уплашена од Мајскиот манифест, бугарската власт решила да ја уништи напредната македонска емиграција, која сакала независна Македонија. Врз основа на смртната пресуда на ВМРО-Автономистичка, потпишана од Александар Протогеров, а, по наредба на Ванчо Михајлов, пред очите на двете негови малолетни деца Ковачев е убиен од неговиот сограѓанин, штипјанецот Мирчо Кикиритков, на 13.9.1924 година во Софија. Неколку часа по неговото убиство, убиен е и Димо Хаџи Димов.

Тој септември е еден од најцрните во македонската историја. Тогаш доаѓа и до познатите Џумајски колежи, кога врховистичките терористи на еден од најголемите крвници на македонскиот народ бугарофилот Ванчо Михајлов, по налог на бугарската влада ја обезглавиле напредната македонска левица. Голем дел од неа биле дејци на ВМРО – Обединета. Во Горна Џумаја е убиен бесмртниот поет на македонската слобода, авторот на неиздадената поема “Илинден“ – Арсениј Јовков. Тие денови се убиени повеќе од 300 напредни македонски дејци-патриоти.