Со гласот на акткерот Славиша Кајевски како изговара реплики на ликовите од драмите во кои играше на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ), синоќа, пред многубројната публика беше отворена летната сцена која го носи неговото име.
Кајевски трагично го загуби животот на 39 години во декемврии 2021 година а беше дел од ансамблот на националаниот театар.
Членови на семејството на Кајевски, роднини, пријатели, актери од неговата генерација, гости од други театари, режисери, филмаџии, музичари, пристуваа на терасата на националниот театар каде што е сместена летната сцена.
„Оваа куќа е потешка од која било карпа, но последниот најмлад одронат камен нам ни даде искра, ни даде сила дека ништо не е попусто. Дека треба да одиме напред, сè посилно. Да, токму Славиша Каjевски мечтаеше за ваква сцена, за ваква публика, за ваква сплотеност. Затоа вечерва сме тука собрани, во негова чест, да отвориме нови видици, нови врати и да не забораваме, кажа Никола Кимовски, в.д. директор на МНТ, во присуство на семејството на Кајевски, пријатели, и бројни гости од културната фела кај нас.
В.д. директорот нан МНТ кажа дека негова мисија е националниот театар секогаш да биде отворен, флексибилен, инклузивен, разновиден, светска класа на театар, театар за секого.
На отворањето беше изведена музичко-драмската претстава „Црнила ремикс” во продукција на Младински културен центар (МКЦ). Режисер на ова современо читање на драмското дело на Коле Чашуле е Јордан Симонов кој работеше заедно со Дарко Димитриевски и Павле Димковски од рап-колективот „Зад аголот”. Во претставата играат: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски – колектив „Зад аголот“.
Летната сцена ќе работи до први октомври, а на програмата се претстави од МНТ и од други театри, но и музички и настапи на диџеи. Во случај на невреме, содржините нема да се откажуваат туку ќе се изведуваат во театарот. Вечерва од 21 часот е стенд ап шоуто на Сашко Коцев „Широк дијафазон“.





