Слабости на македонскиот разузнавачко безбедносен систем – Пишува Проф. Зоран Иванов

Слабости на Разузнавачко Безбедносниот Систем
Пишува Проф. Зоран Иванов



Дел 2 – Модел за менаџмент со информации

Во првиот дел на оваа анализа заклучивме дека коренот на проблемот е немање реформа во моделот на менаџмент со информации во самите служби. Затоа ќе ги објаснам двата основни модели на менаџмент со информации во разузнавачкиот бизнис.

Оваа анализа ќе послужи правилно да ги информира сите политичари и останати релевантни субјекти какви точно реформи во разузнавачко безбедносниот сектор треба да се направат. Воедно истите ќе можат да ги препознаат на несоодветните совети и влијание од разно разни квази експерти.
Во македонскиот безбедносен систем се базира на информациски доминантен модел разузнавачко работење кој е карактеристичен за авторитарни режими! Истиот треба да се замени со аналитички доминантен модел за менаџмент со информации кој ќе овозможи ефикасност, превенција од злоупотреба на службите, како и минимизирање на политичкото влијание.

Модели за менаџмент со информации

Основите на двата модела на менаџмент со информации, аналитички и информациски доминантен модел ги поставува авторот Грег Дадли.
Според него, главната одлика на аналитички доминантниот модел е развиена способност службите да развиваат и акумулираат знаење кое го води процесот на собирање информации и информирање на носителите на одлуки.

Клучната специфика на информациски доминантниот модел е тоа што во преден план ја става реалната и апстрактната вредност на информацијата, а го занемарува знаењето односно анализата.
За илустрација: Директорите на службите, бараат оперативна информација (директно од терен што се случило): „Дај те ми нешто што со што можам поентирам“. На овој начин, носителите на одлуки се доведуваат во заблуда при донесување на одлуки. Бидејќи оперативната информација е само еден сегмент од оперативното опкружување кое има историја на клучни настани и промени, за кои е потребно знаење за да се опишат. Затоа најчесто презентираните информации звучат мистериозно, а директорите изгледаат како Џејмс Бонд. Потоа се наметнуваат како недопирливи, а без нив државата или политиката не може да опстои!

Аналитички доминантен модел

Анализата ја има централната улога во процесот на собирање на информации и дисеминација на разузнавачките продукти. Најголемиот дел од литературата која го изучува разузнавањето и безбедноста доминантно е базирана на Западната мисла. Без малку и да нема обработени примери од Источните држави. Авторот Марк Ловентал во книгата „Разузнавање: Од Тајни до Политика“ која сега има седмо издание, ги поставува темелите на западниот безбедносно разузнавачкиот процес кој го нарекува „разузнавачки циклус“. Во дефинирање на процесот, тој анализата ја става во централна улога пред да се презентираат разузнавачките производи во наратив напишан за носителите на одлуки.

Разузнавачкото образование и пракса на Западот е базиран на овој модел. Во САД на стратешко ниво, разузнавачки продукти како „Дневен Претседателски Извештај“, „Национална Разузнавачка Проценка“ и др. се документи кои им помагаат на носителите на одлуки да донесат одлуки во надворешната политика, одбраната и безбедноста.
Во Македонија во 2017та година во Агенцијата за Разузнавање за прв пат се воведоа слични разузнавачки продукти. Се надевам дека сеуште постои.

Заедничко за сите нив е што се базирани врз основа на анализа на комплекси разузнавачки информации, а не врз база на обработени оперативни податоци. Информација се добива со обработени оперативни податоци. Разузнавачки продукт се добива со анализирани информации споредени со институционалната база на знаење, аналитичката база. Оттука произлегува дека анализата значи развој на знаење. Пример: Ако сме акумулирале константно разузнавачко знаење за сите промени почнувајќи од 90-тите до 2019 година во наметнатиот спор со името од страна на Грција, силно верувам дека немаше да дојде со промена на Уставното име.
Анализата има централна улога во креирање на разузнавачките продукти. Одлучувачите како Претседател, Премиер…, конзумираат стабилни и континуирани анализи, а воедно и даваат упатства или „приоритетни побарувања за информации“ во која насока знаењето треба да се развива. Овој процес е наречен „аналитички доминантен модел кој најголем дел од службите за разузнавање и безбедност во светот го користат.
Практично тоа значи: Анализата го води процесот на разузнавање. Кога аналитичарите јасно ќе сфатат дека има непознати односно фали знаење во решавање на разузнавачки проблем или имаат добиено приоритетни барања за информации, тогаш тие издаваат насоки кон оперативата. Тоа се насоки, што оперативата треба да дознае.

Оттука, оперативата креира свои прашања до изворите и го одбира начинот (човечки извори – ХУМИНТ, сигнали – СИГИНТ, слики- ИМИНТ…) како ќе ги соберат тие податоците. Секој извештај што произлегува од збирка со повеќе ИНТ-ови бара евалуација од аналитичар за да го информира оперативецот дали информацијата била навремена и релевантна за унапредување на аналитичкото знаење. Овој метод на искористување на анализата која ги води и насочува активностите за собирање, е во целосна спротивност со информациски доминантниот модел на собирање на информации.

Информациски доминантен модел

Информациски доминантниот модел е фокусиран на собирањето информации, а не на анализата, како примарна на разузнавачкиот процес. Според, Дадли, овој процес а карактеристичен за авторитарни режими, каде индивидуата односно директорот ја има клучната улога во службата.
Затоа во овој процес многу е тешко да се одредува апстрактната вредност на информацијата, како се користат ресурсите и очекувањата за тоа како разузнавањето ќе го поддржи процесот на донесувањето одлуки. Најчесто не го поддржува бидејќи ја нема комплетната слика за целиот спектар на безбедносните проблеми.

Во овој процес бидејќи информацијата е клучна, а не анализата! Службите се активираат од носителите на одлуки само тогаш кога е потребно односно кога има безбедносен проблем.
Практично тоа значи: Собирањето на разузнавачки податоци се води од насоките од директорот на службата, а не од аналитиката.
Во ситуација на безбедносен или друг проблем, одлучувачите како Претседател или Премиер доставуваат барања директно до директорите на службите. Секој директор од службите организира посебно собирање во рамките на своите капацитети за да се стекне со релевантни информации. Собирањето е водено од насоките дадени од директорот кон неговите потчинети раководители на соодветните области. Знаењето на аналитика е исклучено! Тука, аналитиката се користи само за обработка на податоци и креирање на извештаи. Знаењето што аналитика го има за конкретен безбедносен проблем се користи само во анализата на оперативните извештаи од собирањето на податоци. Не се користи за институционално акумулирање на знаење. Вака, најчесто Претседателот или Премиерот добиваат анализирани оперативни информации кои се информативни. Најчесто не може да се донесат државни одлуки за креирање на соодветна безбедносна политика, бидејќи оперативните информации опфаќаат само еден сегмент од комплексноста на безбедносниот спектрум односно проблем. Според, Дадли, клучна разлика е тоа што вредноста на собраните информации се вреднуваат дали одговараат на лидерството или не! Не се во функција да го зголемат или рафинираат институционалното знаење за безбедносните проблеми.
На овој начин, собирачите (разузнавачите) брзо сфаќаат какви информации треба да донесат и каков наратив треба да се користи за најефективно да резонира со тоа што нивното раководство го бара.
Развојот на знаењето, доколку постои, се наоѓа во рамките на поединците кои ги подготвуваат или обработуваат извештаите, а не како посебен институционален механизам.

Македонски модел

Во Македонија, разузнавачко безбедносниот систем е базиран на информацискиот доминантен модел. Поради етиката ќе наведам два општи примери. Воедно ќе се задржам на генерална анализа бидејќи за деталите, проблемите и решенијата потребно да се направи анализа на друго ниво односно во самите служби.
Секако дека оние со пристрасни и субјективни погледи нема да се сложат. Добро е да се има спротивставени мислења, ама за конструктивна дискусија, без оцрнувања и обвинувања! Сега не е време да се обвинуваме! Време е за работа!
Прво, за прв пат во 2017та година во Агенција за Разузнавање – АР се воведе разузнавачки продукт наменет за редовно и константно информирање на Претседателот и Премиерот за безбедносните трендови и закани по државните интереси. Доколку сме имале аналитички доминантен модел, зошто повеќе од 20 години не е воведен таков разузнавачки производ?
Второ, поранешната УБК, според говорот на поранешниот Претседател Ѓорге Иванов во неговото обраќање во Парламентот во 2018та, произведувала фабрикувани извештаи за политичка репресија. Според, Грег Дадли, токму оваа состојба на (зло)употреба на службите за политичка опресија е карактеристика само на информациски доминантен модел, карактеристичен за авторитарните режими. Теоретски, таа служба има сосема друга намена во системот. Покрај другите обврски, таа мора да ги информира сите релевантни чинители во државата за безбедносните трендови и закани во рамките на државата, а кои произлегуваат како последица на регионалните и глобалните промени. За жал тоа не е случај.
Бидејќи службите пред се имаат одговорност, денес АНБ мора да објасни зошто во последните 5-6 години имаме рапидно зголемување на криминалот и корупцијата? Зошто од безбројните скандали скоро сите се поврзани со безбедноста или работењето на службата?
Сметам дека овие примери се доволни да покажат дека на македонскиот разузнавачко безбедносен систем итно му е потребна правилна, точна и системска реформа. Без собирање на политички поени или пропаганда, како што беше до сега направено!

Сите негативности и слабости кои ги креира овој модел и ќе предложам можни решенија во следната анализа.

Првиот дел од анализата за состојбите во македонскиот безбедносен систем

Кои се слабостите на македонскиот Разузнавачко – Безбедносен систем