Скопјани мрзнат по постојките, решение со „ЈСП“ се уште нема

Граѓаните на Скопје и со саати мрзнат по автобуските постојки, а автобуси нема ни за лек. Во раните утрински часови пристигнале цистерните со нафта за автобусите на ЈСП, откако за време на викендот имаше прекин во испораката на гориво во автобазите.



Од Независниот синдикат на ЈСП велат дека се покриени со нафта, но не знаат колку време таа ќе трае, очекуваат одговори од состанокот помеѓу раководството на ЈСП и градоначалничката на Скопје, за кој што се уште нема детали. Иако од Градот велат дека има гориво за автобусите, сепак граѓаните се жалат дека автобуси нема и повторно чекаат со часови на студеното време.

Само во последните две години ЈСП има добиено субвенции во висина од околу 23 милиони евра со кои требаше да се надминат  проблемите, автобусите редовно да сообраќаат, вработените навремено да добиваат плата, што впрочем беше и ветено од Град Скопје. Но за жал сликата остана непроменета.

Од Град Скопје велат работат на разрешување на проблемот, а денес ЈСП сообраќал редовно и во полн капацитет.

Активно работиме на разрешување на проблемот кој што настана откако БЈН ја поништи редовната Јавна набавка за гориво на ЈСП, прв пат од постоењето на претпријатието. Не сакаме да веруваме дека станува збор за смислено сценарио на актуелната политичка гарнитура, пишуваат од Град Скопје.

Викендов социјалните мрежи беа преплавени со објави од нервозни луѓе кои се жалат дека со часови чекале автобус. За да стигнат на одредена локација морале да плаќаат такси или да замолат некој да ги префрли. Најголем проблем викендов имаа оние кои живеат во приградските места, а особено од општина Илинден од каде имаше најмногу поплаки.