„Скопско ехо“: СДСМ и ДУИ да ги продолжат пасошите без „северна“, кршат човекови права на 650 илјади граѓани!

„Не запираат маките на една третина од македонските граѓани, кои го немаат во пасошите омилениот збор на власта ‘северна’. Оние, што се во земјава, не смеат да излегуваат преку граница, а оние што се во странство, не смеат да влезат, оти не знаат на кој начин би можеле да се вратат на своите работни места во други земји. Парламентарното мнозинство мора бргу да се преиспита и да си ги поправи грешките околу сериозното кршење на човековите права на една третина од македонското население, поддржувајќи продолжување на пасошите без ‘северна!’“ – нагласува весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Зошто СДСМ и ДУИ не поддржуваат продолжување на важноста на пасошите без ‘северна’? “.



„Скопско ехо“ натаму пишува: Листите за закажување на термини за промена на пасош се долги и сосема е неизвесно кога ќе можат да дојдат на ред оние околу 650 илјади граѓани, кои живеат тука. Обрасци за пасоши нема, иако морало претходното раководство на МВР да го предвиди тоа и да побара повеќе пасоши од производителот.

Дали се прави доволно за да се надмине овој огромен проблем? Со вакво темпо и организирање на промената на пасошите хаосот ќе трае уште една до две години. Се прават „напори“ тој период да се намали со поажурно работење на станиците на МВР, но… Потребно е решение, кое ќе им овозможи патување сега со старите пасоши, кои се уште имаат важност. Но, надлежните постојано одбегнуваат да го направат тоа. Новиот министер во МВР Панче Тошковски изјави дека решението е многу едноставно.

Решението на ова патешествие е многу лесно: 61 пратеник да се договорат во Собранието да го изменат Законот за патни исправи, како што го изменија Законот за безбедност во сообраќај и сите овие маки да ги решат во наредните десет месеци.“ – кажа Тошковски.

Ова не е првпат да се бара изгласување на продолжување на рокот на важењето на старите пасоши. Но, тоа категорично не се прифаќа од СДСМ и ДУИ. Техничкиот премиер Талат Џафери изјави: „Несериозен, популистички и исклучиво во партиски интерес е наводниот повик да се поддржи законско решение, со коешто би се продолжила важноста на патните исправи, според примерот на решението со возачките дозволи. Непочитувањето на меѓународните договори би му нанело штета на меѓународниот углед на државата.

Јавноста не доби од него аргументирано објаснување зошто ваквото решение е несериозно и неизводливо. Од граничните премини стасуваат информации дека има држави, кои не прават проблеми и го дозволуваат влезот на нашите државјани со стари патни исправи. Значи, некој поголем проблем околу употребата на старите пасоши не се случува. Парламентарното мнозинство мора бргу да се преиспита и да си ги поправи грешките околу  ова сериозно кршење на човековите права на една третина од македонското население. Има ли подготвени лица за тоа во Владата?