Скок на цените на гасот во Европа по прекинот на транзитот на рускиот гас низ Украина

Цените на гасот на европските берзи се зголемија за 4,3% до речиси 51 евро на првиот трговски ден откако Украина го прекина транзитот на рускиот природен гас во централна Европа, објавуваат светските медиуми.



Украина го прекина транзитот на рускиот природен гас низ својата територија на 1 јануари, откако постојано предупредуваше дека нема да го продолжи договорот кога ќе истече на крајот на 2024 година, бидејќи не сака да ја финансира руската војна.

Порастот на цените на бензинот до 51 евро за мегават-час е највисок од октомври 2023 година и доаѓа пред прогнозата за ниски температури во поголемиот дел од Европа.

Експерти за Блумберг велат дека застојот на снабдувањето ќе се поправи со искористување на складираните резерви оваа зима, но се очекува поголема побарувачка за природен гас за повторно полнење на залихите во текот на 2025 година.

Течниот природен гас (ЛНГ) може само делумно да ги замени руските текови на природен гас поради недостатокот на инфраструктура за неговиот транспорт и неговата повисока цена.

Запирањето на транзитот на руски гас низ Украина е „еден од најголемите порази на Москва“, рече претседателот Володимир Зеленски на 1 јануари на својот канал Телеграм.

„Кога на Путин му беше предадена власта во Русија пред повеќе од 25 години, годишниот гас што се испумпува преку Украина до Европа изнесуваше над 130 милијарди кубни метри. Денес, транзитот на руски гас е 0. Ова е еден од најголемите порази на Москва“, рече Зеленски.

„Претворањето на енергијата во оружје и циничната енергетска уцена на партнерите е она што ја лиши Русија од нејзиниот најатрактивен и географски пристапен пазар.

Според Зеленски, повеќето европски земји „се прилагодиле“ на прекинот на транзитот на рускиот гас. Зеленски додаде дека заедничката задача на сојузниците сега е да ја поддржат Молдавија, зависна од руските испораки, во нејзината енергетска трансформација.

Зеленски рече дека верува оти снабдувањето со гас од САД и другите партнери ќе ги направат цените на пазарот на енергија поповолни.

Во меѓувреме Русија направи неколку договори за извоз на гас во Кина, Индија и други земји.