Сите кандидати за нов лидер на ВМРО – ДПМНЕ

Доколку лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски навистина замине од лидерската позиција во партијата на конгресот што ќе се одржи на 23 декември, во игра се десетина луѓе кои што имаат амбиции и одредена логистика за да ја преземат раководната палка.



Редоследот на кандидатите е направен врз основа на нивниот партиски стаж и рејтинг, поддршка од базата и меѓународниот фактор, истражни дејства преземени од СЈО како и од поддршката од сегашниот лидер Никола Груевски.

Во првата група најспоменувани кандидати се неколку луѓе од врвот на партијата кои што беа меѓу најекспонираните партиски претставници во последниве десетина години и кои што никогаш не се изјасниле јавно за нивните лидерски амбиции но природно е да ја посакуваат таа позиција.

Меѓу најсериозните кандидати се екс министерот за надворешни работи Антонио Молошоски чија најголема предност е во добриот прием меѓу членството и неговото искуство (во високата политика влезе во 2000- 2001 како портарол на владата).

Во оваа група е и наследникот на Милошоски во МНР, Никола Попоски кој во 2011 стана министер за надворешни работи и оваа функција ја вршеше до мај оваа година. Неговите аргументи лежат во одличните односи со голем дел од меѓународната заедница иако како претставник на владата беше под силен притисок на голем број меѓународни форуми. Поповски досега не бил дел од ниту една афера ниту пак против него се води некаква правна постапка пред домашните инстанци. На изненадување на многумина тој на последните парламентарни избори успеа во изборната единица 1 да загуби со само 20 илјади гласови од Стево Пендаровски иако ИЕ 1 важеше за место каде што ВМРО – ДПМНЕ ќе доживее огромен пораз.

Во првата група кандидати за наследник на Груевски е генералниот секретар Христијан Мицкоски кој е релативно нов лик во високата политика а на главната извршна функција во партијата дојде откако предходно беше директор на ЕЛЕМ. Професорот на машинскиот факултет е добар организатор и менаџер и според очекувањата тој меѓу малкумината кој што ќе ја имаат поддршката од сегашниот лидер Никола Груевски.

И Илија Димовски сериозен кандидат

Во втората група кандидати за лидер на ВМРО – ДПМНЕ се наоѓаат неколку членови на помладата гарда на партијата пред се Илија Димовски, кој е еден од најдобрите теренци а како екс шеф на центарот за комуникации на партијата и сегашен координатор на пратеничката група може да добие сериозна внатрепартиска поддршка за време на конгресот и да се вмеша во трката за лидер. Димовски важи за умерен и добар говорник како и за човек кој има одлични контакти со медиумите а нема отворен судир со меѓународниот фактор.

Значително помали но сепак со некакви шанси за таков пробив имаат и Никола Тодоров, Влатко Ѓорчев и Александар Николовски кои за сериозно вмешување во трката за лидер ќе треба да имаат апсолутна поддршка од Груевски но и и од дел од делегатите на конгресот кои се против нов мандат за сегашниот лидер.

Кандидат од Сенка

Еден од кандидатите за лидер во сенка е и екс вицепремиерот за економија Владимир Пешевски кој што иако не е меѓу најекспоннираните во последниве неколку месеци се смета за сериозен кандидат за иден лидер. Пешевски важи за човек кој што практично ја водел владата односно владините седници во периодот кога Груевски премиерската позиција му ја предаде на Емил Димитриев. Пешевски кој пред да дојде во владата во 2010 година бил менаџер на проекти во американската агенција за меѓународен развој и има добри односи со меѓународниот фактор.

Надворешни кандидати

Надвор од активната екипа на ВМРО – ДПМНЕ која има амбиции за лидер, е Јове Кекеновски кој прави обид преку старите структури на партијата да влезе во трка за лидер што не е спротивно на сегашниот статут затоа што секој член може да биде кандидиран.

Иако е практично е невозможно да ги оствари, амбиции за лидер на ВМРО – ДПМНЕ има и Љубчо Георгиевски кој ја водеше партијата до 2004 кога Груевски стана лидер. Него јавно за кандидат го промовира Стојанче Ангелов кој исто така бил член на партијата.

Иако засега не може да се вмеша во трка за лидер извесно е дека и актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров во соодветни услови би се вмешал во трка за лидерска позиција. Тој во 2014 преку таканаречената „Амстердамска тројка“ искажа амбиции да ја преземе тогаш владеачката партија.