На денешен ден, на 14 јуни 1934 година, на планината Рила, во месноста Семково, во близината на селото Белица бугарските врховисти го убиле Симеон Кавракиров, секретарот на Обласниот комитет на ВМРО (обединета) за Пиринска Македонија, денес во Бугарија. Претходно тој бил грабнат и неговата заложничка драма траела две години, а во тогашното бугарско Собрание народниот пратеник С. Иванов побарал од одговор кој и зошто го грабнал Кавракиров и дали тогашната бугарска влада размислува дека „Македонците се племе, на кое не треба да му се даде и воздух да дише, ако има можност?“. Деведесетгодишнината од смртта на Кавракиров е соодветен повод за навраќање кон личноста, животот и делото на овој македонски револуционер, следбеник на идеите на Гоце Делчев, за да можат појасно да се разберат денешните барања на Бугарија за промена на македонскиот устав и нејзиниот третман на Македонија и македонскиот народ. Симеон Кавракиров е содеец и на Панко Брашнаров и Димитар Влахов. Тој се борел за создавањето слободна и независна македонска држава во нејзините природни етногеографски граници, како и за обединување на македонските народ во сите три дела на распарчена етничка Македонија.
Роден е во Солун во 1889 година. Татко му и сите членови на неговото семејство биле активни дејци во ослободителната борба на македонскиот народ. Во 1919 година студирал право на Софискиот универзитет. Уште како млад Симеон се определува за револуционерна активност. Тој станува и раководител на ВМРО-Обединета, поради што бил прогонуван и затворан од властите. Во ВМРО(Обединета) бил секретар на Обласниот комитет за Бугарија од 1928 година. Под прекарот Павел работел на формирање групи на ВМРО (обединета) на територијата на Пиринска Македонија. Неговата активност во Пиринскиот дел на Македонија му била спротивставена за дејствувањето на ВМРО на Иван Ванчо Михајлов. На 8 јуни 1932 во Софија бил грабнат од луѓе на ВМРО по наредба на Иван Михајлов и со автомобил бил однесен во непознат правец. По две години долго измачување, при обид за бегство кај село Семково бил убиен. Имал само 35 години кога умрел.
По Горноџумајските настани од 1924 година во македонското револуционерно движење доаѓа до целосен расцеп. Иван (Ванчо) Михајлов и неговите приврзаници со поддршка на најреакционерните политички кругови во Бугарија успеале да воспостават контрола врз легалните македонски емигрантски организации во Бугарија. Како реакција на таквата политика на убиства и атентати се формира ВМРО (обединета), која се пројавила како продолжувач на старата револуционерна организација на Гоце Делчев и како македонска национална организација, што започнала активности во Пиринскиот дел на Македонија.
ВМРО (обединета) била формирана врз основа на принципите на Мајскиот манифест од 1924 година. Во нејзините редови се приклучиле сите што биле опозициски настроени кон Иван Михајлов и неговите политики. Спомената организација имала Централен комитет со седиште во Виена, а нејзин официјален орган бил весникот „Македонско дело“. ВМРО (обединета) настојувала да прерасне во масовно македонско национално движење за извојување слободна и независна Македонија во рамките на нејзините географски и економски граници. Нејзини најистакнати дејци биле: Панко Брашнаров, Димитар Влахов, Симеон Кавракиров, Владимир Поптомов, Андреја Чипов, Методија Шаторов-Шарло и др. ВМРО (обединета) во споредба со михајловистичката ВМРО имала јасни македонски национални позиции.
Ова е особено забележливо во написот на весникот „Македонско дело“ од 1934 година во кој било истакнато: „Буржоазијата на владејачките нации на трите империјалистички држави, меѓу кои е поделена Македонија, ги негира постоењето и националните особености на македонскиот народ… Бугарските шовинисти изјавуваат дека Македонците се Бугари и на овој начин настојуваат да ги оправдаат завладувањето на Петричко и својата анексионистичка политика спрема цела Македонија… ВМРО (Об) водејќи борба против раздробувањето на македонскиот народ и за национално ослободување и обединување на сите делови на Македонија, треба да ја разоткрие вистинската смисла на сите умувања, што имаат цел да им одречат на Македонците карактер на нација…“
ВМРО (обединета) на чело со Симеон Кавракиров успеала да воспостави организациска структура во сите делови на Македонија и постепено го ширела своето влијание во македонските средини. Сето тоа придонело да се загрозат позициите на Иван Михајлов и неговите приврзаници. Затоа Иван Михајлов започнал да подготвува планови за атентати и убиства и врз членовите на раководството на ВМРО (Обединета) во Пиринска Македонија. На 8 јуни 1932 година во Софија терористи на Иван Михајлов го грабнале Кавракиров. Заложничката драма со него траела околу две години: убиен е на 14 јуни 1934 година.
Извори: „Нова Македонија“ и „Скопско ехо“.





