„Веројатно забележувате дека мојот противкандидат, господинот Стево Пендаровски, делува како да не е тој, туку како да има двојник“, рече синоќа на митингот во Радовиш кандидатката за претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова.
„Човекот кој што до вчера беше потонат во љубов кон соседите, сега сосема директно почнува од фатална вљубеност, изразена на господинот Бојко Борисов, да употребува говор кој не шири добрососедство, апсолутно не личи на тоа, и тоа е нешто што навистина мене ме плаши. Можете да замислите до што може да доведе тоа?
Тоа се вика немање став, тоа се вика немање дигнитет, тоа се вика отсуство на интегритет“, рече таа додавајќи дека од такви луѓе не можете да очекувате да ги штитат гордоста, односно националните интереси на Македонија.
„Замислете, им се заблагодарува на граѓаните што стоеле зад него, односно зад нив, кога носеле тешки одлуки.
Под тешки одлуки мисли на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, мисли на Преспа, на Преговарачката рамка, на Преспанскиот договор? Јас не знам каде ги гледа луѓево? Ако над 70 проценти од граѓаните велат дека тој и тие околу него водат погрешна политика, кому се заблагодарува? Па, зарем не гледа дека луѓето не го одобруваат тоа? – нагласи Силјановска.
Додаде дека не може да се сети ни на барем три важни одлуки кој ги донел Пендаровски во корист на Македонија:
„И мислев, мислев, мислев, што е нешто најважно што сторил и се сетив: Кога рече „не“ за преговарачката рамка, ама тоа не траеше ни неколку часа, а потоа самиот се сети и се поправи, исплашен дека ќе го искараат. Дури рече дека тој учествувал во нејзиното создавање.
Ако над 65% од граѓаните се против тоа, како тогаш човекот може да биде горд на нешто од што се срамите Вие, ние и сите? – праша Силјановска Давкова.






